Далечини

Препев на пев и повев

Насобрани во стамен човек
некои далечини
се навестуваат, се откриваат,
се откриваат, се согледуваат
сами од себеси,
а не се догледуваат до крај
на кој он ќе здивне, ќе одмори,
ќе заборави на сè минато
заживувајќи одново.

Не го предизвикуваат,
не го привлекуваат,
не го довикуваат
да продолжи кон нив,
да им се придружи како дел
од нивен сон сосе негов
дека сепак ќе остане
во нечие време делото
негово.

Некои далечини насобрани
во стамен човек
како пред да решат конечно
дали да го остават
да се препознава самиот
во свет на дребнулии за игри
детински,
дали да го напуштат совреме,
пред да почне да ја губи
свесноста
или да му снеможат снага
неизвесните длабини во нив.  

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 8

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.