„Можевме да имаме и трет и четврти и петти концерт, но решивме да застанеме на овие два“, изјавија Драган Спасов-Дац и Александар Митевски во пресрет на концертите „Дамите бираат“, кои ќе се одржат на 6 и 7 март во Македонски народен театар по повод 8 Март – Денот на жената.
Иако интересот бил огромен и концертите распродадени, дуото решило да ја задржи ексклузивноста на двата мартовски датуми. Сепак, најавен е и условен „трет“ концерт – на 18 јуни, на отворањето на Летната сцена „Славиша Кајевски“, која по трет пат ќе се организира во чест на прерано починатиот актер Славиша Кајевски.
Пет часа програма – од 20 до 1 по полноќ
Според најавите, вечерта ќе трае речиси пет часа – од 20 часот до околу еден по полноќ. Концептот е осмислен во три дела.
Првиот дел започнува со прием и пијалак за добредојде во фоајето на МНТ, каде што публиката ќе ја пречека диџеј Миле Џолев. Потоа следува главниот концерт на големата сцена, придружуван од бендот „Дрим Тим“, проширен на 16–17 музичари. По концертниот дел, дружењето продолжува повторно во фоајето, со коктел и дополнителна музичка програма со клавијатуристот Јоргуш.
„Од 20 до еден часот ќе има убава програма и во ниеден момент нема да биде здодевно“, рече Дац, кој за првпат ќе настапи на сцената на МНТ како пејач, а не како актер.
„Дамите бираат“ – празник на љубовта и жената
Концертот е насловен „Дамите бираат“, со мото „Дамите бираат, а мажите резервираат“. Според Митевски, станува збор за вистински празник на љубовта и на жената – музичка вечер што ќе ги спои емоцијата, сценската енергија и свечената атмосфера.
На репертоарот ќе се најдат нивните авторски песни, хитови од други изведувачи и евергрини што публиката ги бара низ цела Македонија, особено од нивните настапи во „Трибека“. Ќе има посебна сценографија, врвно осветлување и звук, како и специјални гости чии имиња засега остануваат изненадување.
„Гласовите, инструментите и срцата ќе се соединат со една мисла – да се прослави жената во сите нејзини улоги“, истакнаа на прес-конференцијата.
Промоција на првиот винил „Уште ми фалиш“
На средбата со медиумите официјално беше промовиран и првиот винил на дуото, насловен „Уште ми фалиш“. Плочата, во препознатлива црвена боја, ги содржи песните што Дац и Митевски ги издадоа од 2019 година до денес, меѓу кои „Цреши охридски“, „Душа бакшиш“, „Четири страни“, „Љуби ме“ и други.
Винилот е снимен во „Сони“ во Австрија и ќе биде достапен во претпродажба, како и за време на концертите, со можност за потпис од уметниците.
Поддршка од МНТ
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека за него е најважно зградата да им служи на луѓето – без разлика дали станува збор за театарска претстава или концерт. Според него, концертите на Дац и Александар се повеќе од музички настан – тие се културен настан што ѝ е потребен и побаран од публиката.
Со распродадени сали, амбициозна продукција и петчасовна програма, „Дамите бираат“ најавуваат музички спектакл.



