Човек, магаре и коњ

Потребно време за читање: 3 минути

Се нашле случајно или намерно на една тревна ливада човек, магаре и коњ. Човекот им го прекина пасењето со барање нивен одговор, поточно објаснување на следново прашање како проблем:

-Магаре и коњу, што мислите вие, поточно како го објаснувате качувањето на човек од магаре на коњ и неговото слегување, поточно неговото паѓање од коњ на магаре?

Прво се задумало магарето, па му одговорило, односно му објаснило на .човекот:

-Тоа, човеку, се однесува на напредувањето и назадувањето на човекот во текот на животот. На пример во кариерата, конкретно во политиката. Јас ќе ти го објаснам од моја, магарешка гледна точка качувањето од магаре на коњ, а коњов нека ти го објасни од коњска гледна точка слегувањето, односно паѓањето од коњ на магаре.

Како прво, кога е човек качен на магаре од круцијално значење се две прашања како проблеми: магарешкиот карактер и колку долго е тој на магаре. Со други зборови, од нив најмногу зависи качувањето на човекот од магаре на коњ. Имено, доколку неговиот карактер нема ништо блиско, всушност не е ни близу до магарешкиот, значи му е тотално спротиставен, тогаш тој побрзо ќе падне, поточно ќе тресне наземи отфрлен од магарето, одошто да се качи од магаре на коњ. Конкретно, мислам  на познатата магарешка тврдоглавост, поточно на магарешкиот инает.

Што се однесува на самото качување од магаре на коњ, сакам посебно да предупредам на долготрајноста и умеењето, поточно вештината на човекот во јавање магаре. Се разбира, тоа не треба да трае предолго, зашто е познато дека магарето како такво не трпи да биде јавано долго, туку само колку што мора и до кај што мора. Вештината, пак, треба да биде на мошне високо ниво, и тоа како подготовка или подготвителна фаза за јавање коњ.

Човекот му се заблагодарил на одговорот, односно објаснувањето на магарето, па му се обратил на коњот:

-Коњу мил и драг, јас добро знам што значи да си на коњ што е можно подолго, но мене ме интересира твоето мислење во врска со слегувањето односно паѓањето на човекот од коњ на магаре. Најпрвин, зошто и како му се случува тоа.

Коњот без многу думање му одговорил, односно му објаснил на човекот:

-Тоа, човеку, не се однесува на сите луѓе и сите коњи, туку на посебни и луѓе и коњи. Посебните луѓе сами се покажуваат и докажуваат како такви, а посебните коњи ги издвојуваат, одгледуваат и тренираат таквите само за едно и за ништо друго. Луѓето обично се нарекуваат кариеристи, што не е баш најпрецизно, а коњите се коњи за трки и нив не ги бидува за ништо друго, освен за трки со таквите луѓе.

Најинтересното е во тоа што луѓето кои се тркаат меѓусебно, во смисла на напредување во животот, особено во личната кариера, често се фалат, но почесто сами се куражат извикувајќи „И ние коњи за трки имаме“, а коњите пак, се перчат и ги креваат главите и опашите до небо често извикувајќи „Ние само на луѓе што се тркаат меѓусебно им дозволуваме да нè јаваат“.

Што се однесува на слегувањето, односно паѓањето на човек од коњ на магаре, магарево убаво ти објасни, а јас само ќе додадам:

Нема човек во човечкиот род кој лесно и брзо слегува, поточно паѓа од коњ на магаре. Најпрвин затоа што не му е лесно и брзо качувањето, поточно скокањето од магаре на коњ, што, меѓу другото, значи дека од него изискува многу труд, мака, коленичење, слугување, понизност, гребење, лижење, лажење и слични нешта. Сетне успева некое време да продолжи да се качува од еден на друг коњ за трки. Најсетне поначесто му се случува не да падне од коњ на магаре, туку недобронамерни, конкурентни и непријателски расположени луѓе во трките да го фрлат, поточно да го треснат од коњ на гола и каменита земја.   

Човекот заклучил дека магарето и коњот се многу мудри домашни животни. Посебно им се заблагодари дека премолчено го предупредија дека за него не е добро да им дозволува на други луѓе како него често да го качуваат од магаре на коњ и да го слегуваат, поточно паѓаат од коњ на магаре.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 24