Најпрвин да се има предвид разликувањето на човечкото од човечното:
Човечкото го содржи во себе сето она што го прави човекот човек и го разликува од сиот друг жив свет, особено од фауната (буквално: сите животни во едно подрачје или во некој геолошки период); а пред сè свесноста и самосвесноста.
Синоними за човечното односно човечноста се благородноста, човекољубието, хуманоста.
Човекот е, може да стане нечовечен, а да остане човек. На пример, кога им се препушта на инстинктот за самоодржување и на другите животински инстинкти или единствено на задоволување на страста. Тоа значи дека е на показ и доказ е „животинското“ во него при што сепак останува човек. Меѓу другото, затоа што и инстинктот и страста се минливи и повреме или совреме (само)контролирани.
Човечкото во човекот е секогаш комплексно. Просто е невозможно да се „упрости“. Сепак, обично доминираат емоциите, доблестите (позитивните особини, непорочноста), доблеста (смелоста/храброста) и моралноста (во сите негови облици на изразување-моралните судови, правила, вредности, однесување, совест, карактер, должности; заедно со неговите извори-општеството, самиот човек, сознанијата од минатото).
Човекот би можело да се дефинира како суштество со човечко во себе и со изразена човечност спрема заедницата на која ѝ припаѓа.
Се случувало во минатото, се случува денес, а судејќи според сегашните пројави, процеси и тенденции ќе се случува неминовно, еднакво очекувано и ненадејно утре: да се (из)губи човечкото во човекот. Дури свесно и самосвесно! Всушност, тоа се сведува на времена или долгорочна манипулација со него, а со цел владеење, поточно страховладеење, опсадна состојба, заробеност, поробување. Конкретно во предвоено и воено време.
Притоа, може лесно да се следат постојани или вообичаени „фази“ на ништење на човечкото во човекот: отуѓување, напуштање, изолација и самоизолација од заедницата, наметнување нетрпеливост, омраза, инсистирање на индивидуалната слобода и „опасност“ од неслобода во заедницата (агресивно и забрзано уривање со истовремено обезвреднување пред сè на семејните вредности), форсирање на неконтролирани страсти и животински инстинкти.
Загрижувачко:
Што се случува?!
Од ден на ден сè повеќе и сè поочевидно се ништи човечкото во човекот!
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 117





