Човечки животен пат

Потребно време за читање: < 1 минута

На залез на сонце младич, на свои дваесет и три-дваесет и четири години, ѝ чита од прилично дебела книга со кожена корица на девојка на свои деветнаесет-дваесет години. Седнати на клупа на езерски брег:    

„Уште од почетокот на животот на овој стварен свет е познато дека секој има свој, автентичен животен пат. Се разбира, таков е и човечкиот. Но, за разлика од другите тој е најпрвин индивидуален, а потоа колективен, заеднички со други. Не само човечки, туку и со многу, со безброј животи од кои тој зависи или од кого се тие зависни“.

Девојката тивко, како за себе, како да продолжува да чита од книгата, со втренчен поглед во сонцето кое полека го покрива модар облак:

„Човечкиот животен пат е многу потежок кога е еден и единствен, одошто заеднички со други, испреплетен или наспореден со други. Следствено и многу побогат, повреден, поразновиден, потраен, па и позаслужен. Еднакво за паметење и продолжување во рожба, во рожби, во род. Човечкиот животен пат не може без последна цел, која е истовремено најдалечна. Тоа истовремено значи жив и животворен“.

Младичот ја затвора книгата, ја одложува крај себе и ѝ шепоти на девојката:

„Човечкиот животен пат почнува и завршува со љубов, во љубов и за љубов“.

Девојката се свртува кон него, му се насмевнува и му одговара гласно:

„Тоа, љубов моја, важи за секој и сечиј животен пат. Не само за човечкиот, туку за секое живо суштество кое живеело, живеее и допрва ќе заживее на овој стварен сват. Еднакво или многу повеќе во заумниот“.

Стануваат и прегрнати тргнуваат по каменитите скали што водат до тврдината над езерото. Заборавајќи ја книгата на клупата.

Модриот облак сè уште не успева сосем да го покрие сонцето.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 70