Чесен

Потребно време за читање: < 1 минута

-Тебе најмногу те знаат, те паметат и те спомнуваат како чесен човек. Некои претеруваат, некои дури завидливо велат дека ниту се родил, ниту ќе се роди толку чесен како тебе.

-Сешто зборуваат…За мене чесноста секогаш била и е прва, најважна, најголема, единствена. Еднакво во животот, дејствувањето и создавањето.

-А знаеш самиот дека таа во државава и општествово не вреди ништо. Дури ја исмеваат изедначувајќи ја со наивноста и будалаштилакот. Сигурно си чул за чесен-наивен и чесен-будала.

-Тоа не што не го прифаќам, туку не го разбирам. Наивноста е многу повеќе придружена на искреноста, а будалаштилакот, пак, најчесто спротивставен на итроштината. Колу што гледам и следам, во нашево време чесноста сè повеќе станува ретка доблест. За жал.

-Не си ти за времево. Не прифаќаш, но во животот и бизнисот, па и во творењето постигна малку, да не речам не постигна ништо токму поради чесноста. Со крстот-со чесноста на чело.

-Постигнав малку, а велиш и не постигнав ништо не затоа што сум чесен, туку дека не бев, не сакав, ниту можев да бидам нечесен. Поготово во бизнисот. Зазираа од мене зашто инсистирав на чесни односи и релации.

-Не што не постигна ништо во бизнисот, туку пропадна во него и никако не можеш да ги надминеш последиците.

-Грешиш. Ме пропаднаа токму поради мојата чесност. Се плашеа од неа. Со неа да не им ги откријам нечесните, валканите зделки.

-Тоа е така. Неменливо…Те знаат, те паметат и те спомнуваат како чесен човек. Па што?

-Па ништо! А што е со твојата чесност?

-Ништо не е. Кај што можам со неа ми е водилка, а кај што нема место за неа ја чувам за себе и ја бранам во себе. Терам политика.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, ескизи, 18