Секој што бил или е борчлија ја знае тежеста на борчот. Секој ја знае, ама не сите борчлии се однесуваат еднакво спрема него. Поготово спрема оној кому му се борчи. Едни не ја забораваат маката дури не го вратиле, други сон не ги фаќа дека го враќаат, а никако не им успева целосно да го вратат, а трети си немаат гајле оти научиле борч со нов борч да враќаат.
Секој што имал или има долг спрема некого знае дека нема во животот ништо потешко од негово навремено враќање. И оти е најтешко стар долг со нов да се враќа. Поточно, најстрашна од сè е зависноста што се прави со долгот. Поготово ако му е тоа целта на тој што задолжува.
Со борчот-долгот може да е блиска, ама и да не е должноста или задолжението. Може да е блиска кога е збор за исполнување, на нешто во или во врска со животот. Почнувајќи од должноста или задолжението да се живее животот колку може полесно, порадосно и поспокојно,завршувајќи со должноста или задолжението да не живееш само за себе, туку едновремено и за себе и за друг и за други.
Нема кој нема каква-годе должност или задолжение што да се исполни или да се исполнува. Исто како долгот.
Меѓу борчот или долгот и должноста или задолжението е опстанокот на човекот како човек. Додека е живот, до пред смрт.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 177