Болештина

Потребно време за читање: 2 минути

Никако да открие каква болештина навлегла во него. Ни сам ни со помош на лекувачи од современата и традиционалната медицина. Болештина, значи голема, неизмерна, тешка, која истовремено му ги подјадува и телото и душата. Значи, една од неизлечивите? Он не знае, никој не знае. Се разбира, доколку се открие некако.

Болештината не само што му ги подјадува и телото и душата, туку некако сè позабрзано му ја снеможува, му ја истоштува снагата.

До пред некое време можеше долго да чекори исправен, дури да искачува висока планина, а од пред некое не само што може без престан да чекори сè помалу време, туку и да чекори исправен. Сè повеќе се наклонува кон земјата. А средовечен, а уште далеку од снеможена старост. Засега уште може без потпора, но е веќе сигурен дека не ќе може долго.

Болештината му предизвикува некаква болка во него. Која ја смирува, ја надминува со некакви лекарства? Не.

Засега има забележано само дека некако го смируваат, го освежуваат, му создаваат некаква рамнотежа на телото и душата свежи листови марула. Ги јаде секој ден, пред ручек, пред вечера, некогаш и пред појадок. Кога им го кажа тоа на лекарите, тие вниманието го насочија кон нејзината делотворност: го спречува развојот на остеопороза, анемија, штити од кардиоваскуларни болести, а дејствува и врз одредени видови рак. Ги направија соодветните прегледи и испитувања, можност од директно или индиректно влијание, и не открија ништо. Му препорачаа да го прави тоа оти е мошне здраво и превентивно.     

Не заборави на лекарите да им посочи на уште една своја, за него благорпијатна и благотворна навика. Со која ги изненади пријатно, не затоа што не им беше позната лечебноста; овошје кое го консумира секое утро, со години; ги изненади најнапред поради познатото сознание за нејзиното ретко користење: аронија. Имено, секое утро изедува точно 15 зрна во чаша густ јогурт. Толку по препорака на експерти-нуртриционисти. Ангажираните лекари за откривање на неговата болештина знаеја за јакнењето на имунитетот и оти е таа врвен антиоксидант…; се препорачува при појава на мигрена и главоболка, висок крвен притисок, спречува развој на вирусни и бактериски инфекции на уринарниот тракт, ја подобрува работата на црниот дроб и жолчката; штити од УВ-зрачење, успешна е против брчки и стрии на кожата; се препорачува редовно да ја употребуваат дијабетичарите и оние што имаат чир на желудникот; кај старите помага во заштита од деменција и појава на Алцхајмерова болест. Како свежо овошје се смета за суперхрана. Како и марулата, тие инсистираа никако да не престанува да ја консумира аронијата. Како досега.

Со што и како брзо и ефикасно против неговата непозната болештина?

Случајно ја открија заедно, тој и лекарите. Исклучиво од него зависи дали ќе се излечи или болештината можеби веќе денеска, веќе утре, скоро, можеби во блиско идно време ќе му стасне неизлечива.

Заедно ја именуваа: дамнешна прва љубов во спомени. Жива е? Знае каде е? Не, не. И токму во тоа е болештината: незнаењето дали е жива и каде е.

Може сам да ја надмине? На пример со некакви психолошки третмани? На пример со некоја самодејност, самозаштита, самоиспитување?

Се обидел со моќта на заборавот? Што?! Да се обиде да ја заборави?! Невозможно! Не сака!     

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 87