Блиска

Потребно време за читање: 2 минути

Тој неа не може, не сака, ниту се обидува да ја заборави. Убедува секого, близок или далечен, познајник или роднина дека му била најблиска во изминатиот живот и исто му е во сегашниов.

Кога некој ќе се сети да го праша како тоа и во сегашниов, кога ни се виѓаваат ни се слушаат, камо ли макар случајно да се сретнат, тој одговара дека тоа не е важно. Така е зашто и тој и таа си имаат свои животни патишта кои не се наспоредни, а нигде не се вкрстуваат ни за миг. И тој и таа си имаат свои светови, свои кругови, свои рожби, свои семејства, свои роднини. Исто е кога некој ќе се сети да го праша дали и тој нејзе ѝ бил и ѝ е исто толку близок, најблизок. Одговара дека  не знае, којзнае, можеби, а впрочем тоа воопшто не е важно.

Кој што го сретнал дниве, сигурно забележал колку ме е ведро лицето и како да потскокнува од радост. Само што не заиграл и запеал. Некому сигурно му се видел дури многу помлад одошто е.

Кој ќе го прашал што му е, што му се случило толку многу убаво, како сонце да го огреало, тој одговарал дека неговата најблиска конечно му го потврдила она што тој го знае уште од времето кога во голем дел од денот биле заедно. Имено, дека ѝ бил и ѝ е најблизок. Не можела, не сакала, ниту се обидувала да го заборави. А кога некој ќе го допрашал што сега, дали отсега пак ќе бидат заедно макар во мал ден од денот или ноќта, тој одговарал дека не знае, не се надева, не очекува, но тоа е сосем неважно. Впрочем, сè е сменето, сменети се околностите, сменети се состојбите, сменето е времето, сменети се и тој и таа и нивните животи. Се радува затоа што му докажала и му се докажа оти нивната близост е непореклива и трајна.  

ЖИВОТВОРН СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 71