Благодарност

Жива мисла

Во само неговата пештера тој во последно време влегува одвреме-навреме. Може да се рече сè поретко. Прво затоа што во неа се чувствува сè поосамен, а што од ден на ден му станува некако сè потешко, понеподносливо, па и побесмислено, можеби така станува со годините, а потоа бидејќи таа веќе нема со што да го изненади, да го пречека неподготвен за мигови меѓу нејзината мрачнина и точките или круговите светлина што продираат низ процепите на нејзините висини.

Сигурен е дека пештерата е само негова. Никој ниту ја знае, ниту ја открил, ниту, пак, навлегол и престојувал некое време во нејзините длабини и тишини.

Кога е топло и жешко, тој навлегува подлабоко во неа и се сместува во некој агол во сенка, во кој нема процеп низ кој би пробил зрак светлина. Кога е студено и мразно пали оган до кој се сместува; не предалеку од влезот за да не влезе измрзнато, изгладнето, настрвено животно. Што досега не се случило, но кога е збор за долга, широка и длабока пештера како само неговава никогаш не може да е никогаш.

Што прави одвреме-навреме во пештерата? Прави според него и за него многу важни нешта: на неколку метри оддалеченост од влезот веќе изделкал вертикални мазни поврвнини-ѕидови на прилично широка одаја; за што потроши многу време, поготово на отстранување камени шилци; во неа веќе направи легло од греди и слама; на левата страна камено огниште, масичка и триножно столче; меѓу сталагмитите и сталактитите тесна патека и камени скали до мало езеро со бистра и студена модра вода; подлабоко во пештерата, околу километар тече мала, а длабока река; и до неа направи патека, над неа дрвено мовче, која води до друга, поголема одаја низ векови направена од пештерата. Токму во неа често доаѓа и престојува подолго време. Всушност, секогаш кога минува во само неговата пештера некој дел од денот или ноќта. Што прави?

Прави нешто необично, како пештерските луѓе во древноста: токму на ѕидовите на таа одаја длаби, врежува секакви знаци и слова, цртежи на ѕвезди, сонце и месечина, на чудни големи и мали птици, на двоглави и триглави змејови; и исправен средовечен човек во природна големина, со царска круна на главата, со меч во десната и штит во левата рака.

Кога би се нашол некој со него во само неговата пештера и би го прашал што значат сите тие, дали се дел од една приказна или негова порака за идно време без него, тој знае што би одговорил:

„Сè е тоа една моја, прва и последна благодарност до жизненоста, времето и љубовта кои ми го подарија моето постоење меѓу светлините и темнините, сосе постоењето на светот“.

Благодарноста во неговата „Жива мисла“:

Благодарност за живот во минато за сегашност до иднина.

Благодарен сум за најмало како големо и најголемо.

Прочитај и за ... >>  Пред чекор напред

Изрази благодарност со искрени зборови.

Штом благодариш за нешто, значи дека тоа нешто за тебе вреди.

Да му благодариме на Бога што сме живи во здравје.

Благодарам за подарена среќа и задоволство.

Лажно благодарен е богатник што го стекнал богатството со мака и измачување на потчинети од него.

Неблагодарникот е беда од човек.

Благодарност за какво било добродетелство.

Благодарен сум за колку што имам.

Благодарноста е за со луѓе и поради нив.

Најголема благодарност за конечно добиено или стекнато, а без што си можел како било.

Не очекувам повеќе од она за што сум благодарен.

Им благодарам на сите кои како било придонеле за мојава спокојна живеачка.

Искрено благодарам и кажи како можам да возвратам.

Благодарноста најчесто ја поврзуваме со личната среќа и радостите во животот.

Секогаш имам доволно за помагање на беспомошен.

Им благодариме на големите луѓе за големите дела што ги создале за нас.

Ме прави многу среќен кога ќе слушнам „Благодарам“.

Неизмерна благодарност за пристоен живот во длабока старост.

Многу неблагодарни луѓе околу мене. Кои не ги познавам.

Го помогнав не за да ми биде благодарен, туку за негово добро.

Подмолен и пакосник лицемерно благодарат.

Немаат никаква врска благодарноста и користољубието. 

Неблагодарникот не препознава благодат.

Имам голема почит спрема благодарните луѓе.

Простакот и безобѕирникот не знаат што е благодарност.

Благодарни родители од благодарни деца.

Ти благодарам за пријателството, пријателе.

Благодарноста не е за човек макар и со само еден порок.

Ти помогнав да застанеш на свои нозе, па нема зошто да ми благодариш.

Ти благодарам за твоето добро против злото што ми го сторија зли.  

Благодарност и без зборови за каква-годе благодарност.

Благодарноста не е само признание. Тоа е и изразено чувство на заедништво.

Кој не е благодарен што е жив, тој не ја осознал вредноста на животот.

Неблагодарниот е нечесен спрема благодарен.

Благодарноста ја мразат оние што забораваат на сторените добродетелства од блиски и далечни.

Благодарноста го придружува доброто, а бега од злото.

На неблагодарниот ништо не му е доста.

Чувството на благодарност е најнеискажливо за подарок од драг пријател.

Благодарност не само како возврат за сторено незаборавно, туку и како доказ на близост.

Внимавај со малите и големите нешта. Малите можат да станат големи, а големите да те направат мал.

Благодат од благороден за благодарен човек.

Благословен е благодарен за што било.

Свеста за доброто во животот го прави човекот благодарен за животот како најголем дар од Бога.

Благодарноста за она што го имаме значи пред сè почит поради помош и поддршка, а потоа обврска за возврат.

Неблагодарен човек не издржува долго меѓу благодарни.

Немаш колку што сметаш дека треба да имаш затоа што не си благодарен за она што го имаш.

Најпрва човечка доблест е благодарност за пожртвуваност.

Благодарен сум дека ми возвраќаш љубов.

Ќе бидеме утре ако сме им благодарни на нашите предци за она што сме денес.

Прочитај и за ... >>  СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихобирка

Благодарникот и неблагодарникот не одат по ист пат, па затоа никогаш не можат да се најдат на крстопат.

Неблагодарниот човек е безмилосен. Благодарниот е добродетелен.

Човештината се поздравува со благодарност.

Услуга за услуга не како благодарност, туку како прифатена обврска.

Биди благодарен за сторено или подарено и размисли да возвратиш со благодарност.

Никогаш не ја заборавај благодарноста како личен долг.

Благодарен и благодарен се во нераскинливо пријателство.

Неблагодарникот е слабак кој не знае што значи да е човек благодарен.

Благодарност за добро против зло.

Ако си благодарен, не значи дека си инфериорен. Значи дека си човечен.

Им благодарам на благодарни за благодарност.

Не сум му благодарен на оној што ми помага од личен интерес и зашто ми е неопходна неговата помош.

Му благодарам на сонцето што ми овозможи и мене да имам свое место под него.

Дар од срце е за искрена благодарност.

Да му благодариме на Бога за сè што нè прави луѓе.

Не прифаќаш моја благодарност за помошта да станам она што сум зашто сметаш дека тоа сум го заслужил. 

Соседите му благодарат на соседството со разбирање, споделување и соживеачка.

Благодарам за твојата среќа со мене.

Благодарноста не разликува мали и големи добродетелства.

Благодарен сум за многубројни пријателства и близости.

Јас ти благодарам, ти ми благодараш и заедно сме благодарни на времево во кое сме она што сме.

Благодарноста е единствена. Ни прва ни последна, ни голема ни мала.

Чувството на благодарност се учи и негува. Почнувајќи од добрата волја, желбата за добродетелство, преку сторените добродетелства спрема тебе и твоите спрема оние што ти значат, па сè до она што си подготвен да го толерираш.

Најголема благодарност за виделина по долга и длабока мрачнина.

Твоето богатство е благодарение на знаењето, способноста, опитноста и благодарноста за можностите што си ги имал.

Духовна енергија и морална чистота со добродетелдтво и докажана благодарност.

Благодарноста секако го богати животот.

Благодарноста зборува едвај чујно.

Има многу нешта во животот за кои треба да си благодарен дека те одминале.

Ти благодарам за убавината на љубовта што ми ја даруваш несебично.

Благодарност за нов почеток по долго време за никаде.

Немаш кому да му бидеш благодарен за успесите во животот? Многу грешиш. Размисли.

Помогни му на сиромавиот и тој нема да те заборави. Ќе ти биде благодарен и ќе најде начин да возврати.

Благодарноста и среќата се безмерни и безвремени.

Благодарност за критика и совет. Фалбата може да биде лицемерна.

Неблагодарен е за услуги на кои се навикнал. Напротив, дури ги бара безусловно, па и дрско.

Прифаќам само безмерна благодарност. Животот ме научи да ја препознавам.

Си благодарам на себеси зашто никому ништо не му должам.  

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 48

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.