БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

101. Чуму СВП?

СВП (Струшки вечери на поезијата) како СВП. Секоја година исто, со по малку различно. Големо или мало отворање, поголемо или помало затворање…

Мене лично тоа ништо не ми значи. Поточно, сеедно ми е. Како поет сум учествувал уште во далечната 1972. година, кога дебитирав во македонската литература со стихозбирката „Куќа што молчи“. Оттогаш до денес не учествувам, може и никогаш да не учествувам, па и…не мора да постојат!

Сигурен сум дека го знаете суштинското значење на честа. Мислам на целокупноста од морални особини, сврзани со достоинството на човекот, на почитта (стекната/здобиена чест), но и на правењето/сторувањето/оддавањето чест некому, односно пројавување на особено внимание, почит, признание (правите чест).

Без оглед дали некому ќе му „прозвучам“ препотентно-вообразено, па и дрско, „јасно и гласно“ кажувам:

На организаторите на СВП треба да им биде чест да бидам гостин на нивната манифестација!

Не поради фактот дека во изминативе години воопшто не сум бил поканет, туку поради моите години и петдецениското активно и мошне плодно поетско твоештво (илјадници објавени песни). Секако и поради местото и знзачењето на мојата поезија во развојот на современата/модерната македонска книжевност.

Навистина, чуму СВП? Не е ли време да се укинат или во името на традицијата да се променат радикално?

На пример, да се изгради поетски камп во кој поезијата навистина ќе се „случува“, а не да се „манифестира“.

Од сите стари и нови приредби, поетски читања, ноќи без интерпункции, портрети, кругови, работилници, промоции итн., ја издвојувам за самата поезија најнедостоинствената, најдубиозната, ма најглупавата од сите на светот што ги знам, на моменти и циркуска „масовна“ манифестација „Мостови“: на мостот на Дрим натопорени поетите од странство и по некој македонски, му читаат песни на Дримот, а на неговите брегови „натиснати“ Стружани и странски туристи „уживаат“ слушајќи ги.

До денес не можам да (си) објаснам зошто најзначајната вечер на СВП-поетскиот настап на добитникот на „Златниот венец“ се одржува во Охрид (Св. Софија)?!

На поетски вечери не може да им помогне никаква „новина“ или „шминка“ доколку тие поезијата ја „манифестираат“, нејзиното чествување го „масовизираат“, нејзиното презентирање го „парадираат“; па дури и ја „циркузираат“ (при што поетите наликуваат на циркуски кловнови!).

Leave the first comment