Безработноста која е последица на собитија кои никако и никого не водат напред, мора да е грижа на сите, а најнапред на оние што презеле одговорност да му овозможат секому еднакви и рамноправни права на животворење. Колкава да е таа, резултат е на неодговорност наспоредна со незнаење и неспособност.
Личната безработност која е последица на состојби, положби, неможности и нерасположби, прави човек самиот да се обезвреднува и да се обезличува себеси. Но, попрво од сè го доведува дури до неизлечива разболувачка и бавна и мачна или брза и ненадејна умирачка.
Безработноста и мрзеливоста се блиски, па и нераскинливо поврзани? Во извесна мера да, особено кога од предолга безработност човекот се пасивизира дотолку, што од мрза не сака ни снага да исправи ни на свои нозе да застане. Повеќе се блиски одошто поврзани.
Најважно од сè:
Работливиот човек не си дозволува ниту мигум да ѝ се препушти на мрзеливоста. Ниту може да му се случи и џабе да работи само џабе да не седи.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни записи, 119