Безимени гробови

Потребно време за читање: < 1 минута

Со секоја нова посета на Градски гробишта забележува сè повеќе безимени гробови. Долго време тоа не го забележуваше, особено откога почна да ги посетува без никаков повод. Значи, не поради испраќање на близок, познат, далечен или непознат во неговото вечно почивалиште или на празници посветени на мртвите. Дури не и на Задушница и Духовден.

Чудно и несфатливо му е постојаното зголемување на безимените гробови. Некогаш по два-три неделно. Зошто безимени?!

Притоа, од лице што ја води гробната евиденција му беше посочено дека повеќето од нив се купени од сè уште живи; како уште живи си обезбедуваат гроб. А разликата помеѓу нив и другите безимени во најголем број случаи е во очевидните траги или некакви остатоци од поединечни и групни посети. Имено, купените безимени гробови немаат никакви траги или некакви остатоци. Често како од никого да не се одржуваат.

Го мачи едно прашање на кое никако не може да си одговори:

Дали во безимените гробови се погребани луѓе без свои потомци и предци и луѓе кои немаат ни пријатели ни познајници? Живееле и умреле како сосем самотни?

Осозна нешто за него запрепастувачко, најпрвин поврзано со се чини ненадминлив проблем односно процес во градот; кој, пак, последично и најочевидно се исчитува на безимените гробови на Градските гробишта:

Од ден на ден на неговите улици, авении, крстосници и плоштади е сè поголем бројот на скитници и бездомници.

Од пред некој ден, по неколку негови секојдневни посети забележа нешто и замислувачко и загрижувачко: се зголемува бројот на безимени гробници од бел и црн мрамор! Чисти, уредени, застаклени, со покриви и гробни обележја!          

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 49