86. Затворен и темен
Немам каде ни со кого до некаде
во ѕид ѕидан којзнае колку века
та оставен заборавен од секого
и од тебе сѐ подалечна
како што е мојата самост
мојата дребност
сѐ поблиска до ништожност
а длабоко сомнежен
посакувам да сме дел од светот
дека бевме едно време
ти од извор бистра вода
јас во небо сосе молња
посакувам да заминам
во дамнешна ноќ без разден
и никогаш да не сум бил
во години наши вчера
во мигови од помин денес
остави ме нека ме откорне
и в неврат нека ме одвее
последен ветар бесплоден
како предавство
на свеста надежта спокојот
и сонот