Ничкосани наземи
Не од сила подземна
Или од сила надземна
А од небесна
Ненадејна
Една со многу во неа.
Не се мигум бессилни
Не се ни од дамнина
Зашто се уште живи
Мнозина од нив уште
Здрави
Можеби се мислат.
Не им е бессилноста
Од годините
Сите во сегашно време
Се дојдени да поживеат
Заедно.
Загрижува согледбата
Дека какви што се
Ничкосани наземи
Не ни пробуваат барем
За последен пат
Да се исправат
Да се видат себеси
На свои нозе стамени.
Која е каква е таа сила
Подземна надземна
Што ги ничкоса
Ќе остане незнајно
И засега недомислено.
Некои само насетуваат
Но некои тврдо веруваат
Дека е од сè поголемо
Несогласие
Меѓу небесните тела
Особено меѓу
Сонцето и месечината
А потоа меѓу
Месечината и ѕвездите.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 40