Бессилен штрк

Потребно време за читање: 3 минути

Ми се жали еден остарен штрк пред негово последно летање на југ, во топли краишта, пред да настапи студенина:

-Ма не ме обзема мене тага тоа што сум бессилен поради старост и евентуално последно летање на југ. Ниту тоа што веќе со ништо не му користам на мојот штрковски род. Сето тоа си е природно. И мојот живот ко на секој жив.

Бессилен сум поради она што им се случува на луѓето, а е и на директен и на индиректен начин поврзано со една моја односно сечија штрковска апсолутно доброволна дејност. Што до неодамна ја вршев со радост, која ми носеше најголема среќа во животот мој штрковски…Да, погодуваш, мислам на донесувањето бебиња на вљубените, сеедно дали се забрачени или вонбрачни. И не се секирам јас лично за себе, туку пред сè за сојузништвото меѓу нив и нас штрковите. Дека не само што ја прифатија лагата дека штрковите носат бебиња, туку и нивните деца уиште од мали нозе ги учат дека бебињата доаѓаат на светов без никаква штрковска улога.

Збунет го прашувам:

-На што мислиш конкретно?

Штркот ми одговара со жалбен глас:

-Како прво и прво, јас не ги разбирам луѓево како не разбираат дека сегде во светот сè поретко се става акцент на љубовта воопшто, посебно на романтиката во неа. Да, да, мислам на нежноста, топлината и страста во неа. Сè почесто се става на декадентноста и деструктивноста од раѓање до смрт.

А како второ, јас го разбирам модерниот живот што го крои технологијата, од роботиката, програмирањето до вештачката интелигенција. Па ако не се сака рожба во љубовта, има заштитни средства во сексот, ако некои не сакаат да работат на правење и раѓање бебе, а го сакаат, може да посвојат или други да им направат и родат. Се разбира, и јас како штрк знам за ин витро оплодувањето и го одобрувам оти во еден дел е природно. Ја знам и несопирливата тенденција што поскоро да се направи машина што ќе прави и раѓа деца. Но, никако не можам да прифатам дека светот не треба да се секира оти смртта односно морталитетот веќе е над животот односно наталитетот. Како не согледува човештвото дека како што тргнало нема никаква иднина. Човекот многу скоро ќе стане тотално непотребен. Роботите комплет ќе завладее со него, и тоа од раѓање до смрт.

Уште позбунет го потпрашувам:

-А каква конкретна врска има тоа со вас штрковите?

Штркот ми одговара не толку со жалбен, колку со рамнодушен глас:

-Што мислиш, сето тоа нема никаква? Запамти го ова од мене: ќе дојде време кога светот ќе сфати дека се самоуништува, ама ќе биде предоцна. Ќе ја прифати вистината дека не било лага носењето бебиња од нас штрковите, ама и нас во меѓу време ќе нè снема. Може евентуалнио да нè заменат штркови роботи, ама ќе се согласиш дека тоа нема да биде тоа.

Гледам полуиспишани два листа хартија пред него, па го допрашувам исто така рамнодушно:

-Нешто пишуваш, па сум те прекинал?

-А тоа…Веќе го напишав моето моето последно писмо до двајца вљубени. Ми се јавија дека моментно страсно работат на природно правење бебе, па мед замолија јас лично, што се вели штрковски да им го донесам. Им напипшав да не се секираат. Само нека работат на правењето, а јас по девет месеци ќе им го донесам бебето здраво и право, макар со последниот атом летечка сила, пред да станам тотално бессилен. И да знаеш, ќе го исполнам ветеното…Му напишав и одговор на едно детенце, па те молам ти да му го однесеш. Ми напиша писмо во кое ме прашува вистина ли е или лага дека штрковите носат бебиња.

Ме зарадува:

-Нема проблем. А што му одговори?

Тој:

-Вистина е ако се правени во вистинска и со вистинска љубов.       

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 39