Мудрите луѓе во минатото и денес, кои со своето дело и творештво трајно ја задолжиле човековата цивилизација, кажале, оставиле мисла или промисла за сè и сешто. Најчесто и најмногу како одговори на судбински, вечни прашања како дел од минливоста на животот и вредностите во него. Сериозно-шеговито, иронично-пакосно, извртено-превртено.
Бесконечноста, бескрајноста, неограниченоста, недогледноста, вечноста сосе вредноста на човекот некогаш му се прикажуваат како конечни, па радоста и тагата просто му се наметнуваат, навалуваат врз него. Каква одбрана? Единствено со навременоста на согледбата и догледбата на вредноста и амбицијата, на личната борба, на доволноста од луѓето и возможноста само со Бога.
Има едно нешто наспроти бесконечноста, бескрајноста, неограниченоста, недогледноста односно вечноста, а што никако не смее да се пренебрегне: лесно е да се стане роб, не само со проклетството на богатството и сиромаштијата, туку и во мигови на споделување со ближни и блиски, но не е тешко да се биде благословен стареејќи еден со друг, еден покрај друг.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 86