Тој е роден на 18. мај 1872., во Трелек, Велс, а умрел на 2. февруари 1970. во Пенридендрет, Велс. Филозофија и математика студирал во Кембриџ на Тринити Колеџ. По завршувањето на студиите во 1895. започнува универзитетска кариера на матичниот факултет, каде што останува сѐ до 1916., кога е отстранет поради борбена противвоена агитација; во 1918. поради иста причина е затворен на 6 месеци.
Како потомок на мошне угледно благородничко семејство, Расел набрзо самиот стекнува глас на слободен мислител, пацифист, критичар на граѓанскиот морал и борец за човечка еднаквост. Политички се ангажира на левото крило на Лабуристичката странка, но на застапничките избори во 1922. и 1923. нема успех. Настојувајќи да ги спроведе сопствените воспитни замисли, во 1927. година ја втемелува експерименталната школа која набрзо и самиот ја напушта.
Од 1938. до 1944. година предавал на различни универзитети во САД. Дури во 1944. повторно е избран за професор на Тринити Колеџот. И по Втората светска војна Расел продолжува со будната политичка активност на хуманист: се бори против „лудилото на студената војна“, претседава со Меѓународниот суд за утврдување на воени злосторства во Виетнам, па во 1989. година по вторпат бил затворен (на недела дена) како водач и учесник на антинуклеарни демонстрации.
Во 1950. година ја добива Нобеловата награда за книжевност.
Во својата филозофска работа Расел минал повеќе фази, од кои ниедна, како ниту неговото филозофирање во целина, не претставува сосема конзистентен систем: од математичкиот приод кон филозофијата, односно логичкиот конструктивизам, потоа теоријата на логичкиот атомизам, за најпосле изворно да го демонстрира сопствениот став според кој филозофијата и науката секогаш претставуваат отворен дијалог. Развивајќи ја сопствената позиција во форма на посебен правец на тн. логицизам, Расел станува еден од втемелувачите на современата математичка логика.
Иако бил под влијание на својот прв учител МекТагарт, образован во школата на британскиот хегелијанизам, неговиот прв филозофски интерес, спротивно, се врзува за математичкиот приод кон филозофијата. Како претпоставка на таквиот пристап, Расел го прифаќа оригинално изведениот систем на платонистички реализам, според кој математичките ентитети се јавуваат како вистински темел на стварноста, па и филозофијата, додуша за кратко време, Расел ја сфаќа како аналитичка наука и делумно независна од искуството. Резултат на таа фаза е монументалното дело „Principia mathematica“ (1910-1913), настанато во соработка со А.Н.Вајтхејд (A.N. Whitehead), кое на обајцата им донело светска слава и и станало исходиште на нова насока во филозофијата и математиката. Во тој труд, напишан со нова техника на симболичка логика, додуша во блиска врска со Пеановите и Фрегеовите замисли, се настојува сите математички аксиоми да се изведат од мал број на логичко- онтолошки категории кои реферираат за законите на стварноста, па на тој начин Раселовата филозофија во модерен облик се враќа на стариот питагорејски идеал. Тој логички конструктивизам потоа кај станува исходиште за нова филозофија на науката, според која и здраворазумското и теоретското спознание имаат единствен извор во непосредното субјективно доживување.
Меѓутоа, филозофската самокритика на таа позиција набрзо го обраќа на новата теорија на логичкиот атомизам. Според таа доктрина, која во голема мера го одредила општиот тек на подоцнежниот новопозитивизам, светот се состои од независни сетилни податоци меѓусебно поврзани со логички релации; тие податоци сега повеќе не се сфаќаат субјективно, туку пред се како објективни надворешни конструкции кореспондентни на научната свест.
Веќе во 1901. година Расел се истакнал како брилијантен логичар, воочувајќи го парадоксот кој произлегол од 5-тиот аксиом на Фрегеовата логичка анализа на аритметиката (Раселов парадокс). Подоцна, развивајќи ја сопствената позиција во облик на засебна насока на тн. логицизам, тој станува еден од втемелувачите на современата математичка логика.
Еволуирајќи во сопствените сфаќања, од кои некои зацртале цели текови во современата, особено англосаксонската филозофија, над секое секташтво, приемчив и за радикална критика, Расел изворно го демонстрирал сопственото стојалиште, според кое филозофијата и науката се секогаш во отворен дијалог. Неговата личност се одразува и во етичките концепции, во кои најпрво ги застапува објективистичките сфаќања, а потоа му се приближува на своеобразен етички субјективизам и плурализам.
Меѓутоа, и таа доктрина е првенствено критичка спрема секоја догматска, научна, религиозна или политичка интерпретација на „конечни“ вредности. Напротив, во својата конкретна општествена борба Расел е децидиран критичар на секоја доминација, беа оглед дали таа произлегла од сопственоста, државата или од меѓурасните и меѓуполовите односи. Спротивставен на секоја концепција на историска цел и историска законитост, кои според Расел водат кон политичка или религиозна манипулација со луѓето, тој како просветител смета дека борбата за похуман начин се состои во „постојано намалување на фанатизмот и зголемување на способноста на симпатијата и меѓусебното разбирање“.
Некои поопшти филозофски начела:
Расел смета дека борбата за вистината е првостепена задача на филозофот. За него е предавство до колку професијата му служи за нешто друго. Тој се залага за научно фундираната вистина која треба да биде без предрасуди и нетрпеливост, егзактна и неперсонална, со што ќе стекне симпатија и разбирање помеѓу луѓето. Неговата заложба за методичка егзактност, што ја развива преку математиката, го доведува до скептичкиот реализам. Во рамките на својата „филозофија на логичкиот атомизам” тврди дека супстанцијата, материјата и самата поединечна ствар не се реалитети, туку логички конструкции, а светот е составен од неутрална „праматерија” која не е ниту материјална, ниту спиритуална.
Во низа свои дела Расел се занимава и со тн. идеален јазик кој, според својата структура, би бил мошне сличен на структурата на фактите што ги означува. Таа не овозможува употреба во секојдневниот живот, но може да стане оружје кое значително ќе ги унапреди логиката и науката воопшто.
Од не помало значење во творечката и животната активност на Бертранд Расел се етичките проблеми и проблемите на вредноста. Во рамките на своите етички концепции тој најнапред ги застапува објективистичките сфаќања, а потоа се доближува до еден особен етички субјективизам и плурализам.
Расел е мошне критичен спрема културата и општествениот живот на современиот граѓански свет. Интересно е што смета дека приватната сопственост и државата во модерниот свет станале опасност за општеството. Сите „културни моќници“-државата, црквата и воспитанието-не ги решаваат клучните социјални проблеми и не се кадарни да ја укинат бесмислата на војната.
Залагајќи се за човечки начин на живот, што претпоставува постојано намалување на фанатизмот и зголемување на способноста за симпатија и меѓусебно разбирање, тој развива и практична, конкретна борба, при што жестоко се спротивставува на секаква доминација, на секоја концепција на историска цел и историска законитост која овозможува политичка или религиозна манипулација со луѓето.
До крајот на својот живот овој бард на англиската филозофија и еден од најзначајните претставници на филозофијата на 20. век се борел против сите форми на дехуманизација и деградација на човекот и човековата заедница.
Други поважни дела на Бертранд Расел: „Принципи на математиката“, „Наше спознание на надворешниот свет„, „Принципи на општествената обнова“, „Политички идеали“, „Патишта на слободата: социјализам, анархизам и синдикализам“, „Увод во математичката филозофија“, „Анализа на умот“, „Проспекти на индустриската цивилизација“, „За воспитувањето“, „Зошто не сум христијанин“, „Анализа на материјата“, „Скептични огледи“, „Брак и морал“, „Воспитувањето и општествениот поредок“, „Слобода и организација“, „Религија и наука“, „Власт“, „Нова општествена анализа“, „Истражување за значењето и вистината“, „Историја на западната филозофија“, „Авторитет и поединец“, „Човечкото спознание“, „Влијанието на науката врз општеството“.