Потребно време за читање: 2 минути

8. Мајмуни во кафез

Се нашле во кафез неколку мајмуни, докажани политичари и бизнисмени во мајмунскиот свет. Може да се рече дека се нашле преку ноќ, но се знае дека тоа не е можно затоа што, како што е општо познато, мајмуните не можат да станат докажани, значи успешни политичари и бизнисмени без долгорочни мајмунлаци и понекој краткорочен. Згора на тоа, тие според ништо не се ни слични, а камо ли исти со мајмуните во кафези во зоолошките градини кои, како што е општо познато, служат за покажување на народот со јасна цел: тој прво да научи што е тоа мајмун, па потоа да го научи она што се знае уште откога тој решил од мајмун да стане човек; имено дека, исто како во човечкиот, и во мајмунскиот свет има од една страна различни видови или типови на мајмуни, дури нема шанса да се најдат два дибидус исти, а од друга дека опстанале до ден-денес и ќе опстанат сè додека постои човекот најмногу благодарение на мајмунлаците во животот.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 14

Првата дилема, што се јавува особено при броењето на мајмунлаците на мајмуните-докажани политичари и бизнисмени е: како е воопшто можно да се нашле во кафез. Да не ги напикал во него некој односно некои од немајумнскиот свет? Се разбира, со голема и сериозна причина, ризикувајќи продлабочување на меѓусебното непријателство. Во дилемава како нејзино надминување повеќе се наметнува второто, а просто затоа што станува збор за посебен вид мајмуни-политичари и бизнисмени. Не редок во развиениот, особено во западниот свет, уште понередок во полуразвиениот и неразвиениот, но со дејанија со долготрајни, дури трагични последици.

Втората дилема, која се јавува не толку при броењето, колку при однесувањето односно мајмунлаците на мајмуните-докажани политичари и бизнисмени, е: како си дозволиле односно како е можно да бидат толку невнимателни, како мајмуни, па како такви да се најдат односно да бидат напикани во кафез. Мора да се потенцира: во кафез, не во кафези, со други зборови најдени или напикани во еден. Доволно комотен за сите? Тоа е релативно. Едно затоа што сè уште не е утврдено колку се на број, а друго поради ноторниот факт дека меѓу нив постои суштествена разлика во однос на потребите и навиките за комфор, како и стекнатото богатство. Исто така, треба да се има предвид дека е најтешко меѓу ваквите мајмуни да се препознаат политикантите; кои секако не се малку на број како верни придружници и на едните и на другите.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 4

И уште една, можеби најолема дилема, од која зависи времетраењето на престојот во кафезот на најдените или напиканите мајмуни-политичари и бизнисмени и меѓу нив политикантите, е: зависноста и неизвесноста на нивните мајмунлаци. Имено, се има впечаток дека во него не им се разликуваат големите од малите мајмунлаци, па и кога продолжуваат да ги прават неволно. Просто како воопшто да не се расположени за нив, како воопшто не им е до правење. Несомнено е дека тоа им иде од краткорочните и долгорочните последици од мајмунлаците пред да се најдат или да бидат напикани во кафезот. Во овој контекст и ова: и младите и возрасните, а богами и старите мајмуни имаат исти мајмунски лица. Бледи, загрижени, студени, со затворени усти. Сите дибидус молчаливи.       

Како и да е, најинтересно од сè сега и уште многу време отсега ќе биде брзината и динамиката на полнењето на кафезот со нови, познати и непознати мајмуни-политичари и бизнисмени, и меѓу нив политиканти.