Потребно време за читање: 2 минути

7. Диви и питоми ѕверки

Се замешале луѓе меѓу диви и питоми ѕверки во свет предолго време пред бездна. Баш во време на разграничување меѓу нив, ставање граница од непремостливи разлики како ѕид до небо. Имено, разграничувањето станало неминовно откако дивите ѕверки почнале да навалуваат врз питомите, да завладуваат со нив, со нивните животи и смрти.

Конкретно: дивите станувале сè поненаситни, дури сè покрволочни, дури злосторни, но и итри, а питомите, откако разбрале дека им е залуден секаков напор, ако не да ги спитомат дивите, тогаш барем да ги контролираат, со демократски средства колку-толку да ги култивираат или да ги затворат во ограничен простор како резервати, кафези и слично; или, пак, да ги истренираат за во циркус.

А зошто во тој процес се замешале луѓе?! Затоа што мислеле, се надевале дека ќе успеат некако да ги потсмират поради светот предолго време пред бездна. Ако веќе разликите меѓу нив како ѕид до небо станале непремостливи, барем да ги научат на толеранција која, како што е одамна познато и докажано, се темели на уважување на разликите, на соживот со нив; кога уште еднаш се потврдува дека не може да се живее во единство на разликите, тогаш да се проба некаков живот со разликите едни покрај други. Особено затоа што светот одвај успевал уште да стои пред бездна, веќе бил многу близу моментот кога неповратно ќе пропадне во неа.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 9

И што се случило?

Се случило најлошото од она сè што можело да се случи: дивите ѕверки успеале еден дел од луѓето да ги престорат во нелуѓе, речиси исти како нив-диви, а питомите заедно со другиот дел од луѓето-сè уште питоми успеале да се соберат, да се приберат и со заеднички сили да се оддалечат од работ на бездната на пристојна далечина.

Меѓутоа, како што обично се случува кога е збор за питомите. меѓу нив се притаиле, вешто и лицемерно се маскирале меѓу питомите ѕверки и питомите луѓе неколку диви. Надевајќи се дека нема да бидат препознаени, па ќе заживеат меѓу нив не менувајќи ја својата ќуд.