БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 17

Потребно време за читање: 2 минути

17. Два црва

Слушнав чуден дијалог меѓу еден црв на здравјето надвор од човекот и еден црв на сомнежот во него:

Црвот на здравјето:

-За разлика од тебе брате, црву на сомнежот, јас сум надвор од човекот, па никако не можам да му помогнам на здравјето кога случајно, најчесто од невнимателност ќе влезам во него. Ти, пак, не само што не се докажуваш како црв на сомнежот надвор од него, туку дури не преживуваш кога ќе се спротивставиш на реалноста и неминовноста.

Црвот на сомнежот:

-Во право си брате, црву на здравјето, но не заборавај дека без мене како црв на сомнежот напросто не е можно активирање, а особено контиуитет на докажување на креативниот дух на човекот. Да ти кажам право, не сум ни помислил, а камо ли да се амбицирам не само да се спротивставам, туку ни да се соочам со реалноста и неминовноста. И никогаш не заборавај уште нешто: без мене човекот лесно и брзо подлегнува на надворешни притисоци, влијанија и манипулации.

Црвот на здравјето:

-Моето предимство во однос на тебе е улогата што ја имам при здравата исхрана на човекот. Тоа, пак, значи дека дејствувам превентивно однадвор. Значи, сум негов заштитник. Особено во овие модерни времиња во кои од кои било причини човекот сè повеќе, дење-ноќе се храни нездраво. А и ти добро знаеш дека без здраво тело нема здрав дух…Ти текнува на здравото јаболко? Само црвливото јаболко е здраво.

Црвот на сомнежот:

-Се разбира дека ми текнува. Само, никако не разбирам зошто човекот тоа не го прифаќа. Дури со презир одбива да јаде црвливо јаболко. Уште ако му излезеш пред очи при гризнување… За разлика од тебе, јас сум во човекот и нему му е мошне тешко да ме замисли како црв. Го нагризува сомнежот, особено неговиот креативен дух. Најмногу, дури единствено како лично незадоволство од она што го создал или го создава. Повеќе како несигурност дека тоа е тоа.

Црвот на здравјето:

-Знаеш што брате, црву на сомнежот? Мислам дека најмногу можеме да му помогнеме на телото и духот на човекот доколку се сојузиме, доколку дејствуваме заедно и едновремено.

Црвот на сомнежот:

-Се согласувам, но не кога со него ќе надвладее грубата реалност и материјалниот свет. Знаеш и сам, тогаш не може никој да му помогне да се ослободи од црвите на гнилоста, неизлечивоста и забрзаната умирачка.

Да не заборавам: црвот на здравјето беше мал и бел, а црвот на сомнежот бестелесен и безбоен.