БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 12

Потребно време за читање: 1 минута

12. Човек и полжав

Човек стасал на трнлив пат полжав. Тој преуморен од долгото одење по трње, преуморен и полжавот. Седнале на крајпатна стена да одморат и го напаравиле овој муабет:

Човекот:

-Отсекогаш сум ти се восхитувал, полжаву пријателе. Ма ти завидувам.

Полжавот зачуден:

-Зошто, човеку пријателе, мене да ми се восхитуваш?!

Човекот воздивнувајќи длабоко:

-Како зошто? Прво, си  врвиш по трнливиов пат како по секој друг, бавно што да не може побавно, што значи и животецот ти минува бавно ем спокојнот. А второ, може најважно, кај да одиш, кон кај да си тргнал си ја носиш куќичката на грб и секогаш, и при арно и при лошо можеш да се прибереш во неа. Јас како човек, пак, како сите луѓе ем брзам ем трчам низ животот, ем цел живот градам куќи па ги напуштам, ги оставам да се урнат, да се разурнат сами од себе.   

Полжавот согласно:

-Го знам тоа. На таа тема сум разговарал со луѓе млади и стари и сум дошол до еден заклучок: дека вие луѓето сте свесни за тоа, но прифаќате Не се обидувате ако не сосем, тогаш барем нешто да смените. Не ни помислувате барем да пробате некое време да бидете исти како нас-полжави. Да ти кажам право, не сте за жалење, ами за сожалување…Да ти предожам нешто, човеку пријателе, па ти размисли: некое време да одиме заедно, наспоредно, дури рака под рака. Не мора до крајот на трнливиов пат. Дури ќе те научам и ќе ти помогнам да си изградиш куќичка како мојава, да ја ставиш на грб и да научиш да одиш полжавечки со нејзината тежест.

Човекот се израдувал, му дошло да заигра и запее од радост. Брзо си направил куќичка, со сесрдна п омош на полжавот, ја ставил на грбот, се престорил полжав, па заедно продолжиле по трнливиот пат.