Тебе ти изгледа многу важно тоа што се случи, ама не е. Едноставно, тој загина во сообраќајна несреќа.
Беше страшно, Јасене Виорски. Телото распарчено!…Се докажа дека самиот бил виновен. Нешто како самоубиство. Возел пребрзо и налетал на камион што му доаѓал од спротива. Којзнае, можеби намерно.
Зошто така мислиш, Марија Имотска? Тој за тоа беше Непознатиот, нели?
Се расправавме тие денови. Жестоко. Не бевме блиски, ама знаеш…Тешка смрт! Сепак, бевме заедно. Живеевме заедно едно време. Мислам дека имавме дури и љубов. Нешто нè врзувше! Можеби како дел од младоста.
Потоа ти долго си била сама. Животот не ти значел ништо. Сè ти било сеедно…И се разболе. Почна да плукаш крв!…Таква те сретнав. Пожолтена, побелена, исушена, како да те совладало времето.
Значи, тој што ме следи не е татко ми. Не е истиот облечен во црно. Не е ни Непознатиот! Можеби е негов пријател…Зошто да сакал да ми раскажува за војната? Таа била одамна!..В ред, херојствата се паметат. Но, минало време. Сегашново е друго…И ова е борба, Јасене Виорски! Не може човек без идеали, нели?…Треба да ги менуваме нештата. Ништо не е совршено за да не треба да се доградува или менува. Треба да се оди напред! Ова е твојот оптимизам, Јасене Виорски. Твојата дијалектика!
Не само моја, Марија Имотска. Општа е, проверена, докажана!…Каков би бил логичниот ред на љубовта и планината според тебе? На сенките и поразот? Јас претпоставувам: можеби како освојување, како искачување…Знаеш, бев во право на почетокот!
Шумава дише утрово, Јасене Виорски. Ја чувствувам. Ми ги полни градите…Да легнеме под дрвово. Погледни колку си ги раширило корењето, си ги кренало над земја. Како да бара зрак, светлина, ден!
Ова како дел од твоето расположение, Марија Имотска. Нема што. Имаш смисла за поезија.
Зошто почесто не доаѓаме овде? Како да се раѓам одново. Ме опијануваат воздухов и тишинава.
Одамна не сум те видел вака расположена. Ќе доаѓаме почесто. А сенката и поразот…Чинам дека меѓу нив редот е исто толку логичен. Човек се крие во сопствената сенка кога се чувствува поразен. Поразот е во осамата, велиш, велам. Сеедно кој. Точно! Сенките се секогаш осамени, а човекот постојано бега од сопствената сенка.
Сепак чудно. Толку лица со лузни, Јасене Виорски…
Порано се умирало од твојата болест, Марија Имотска. Имав една пријателка, млада. Ја паметам како дете. Умре. Долго плукаше крв и умре. Некогаш не успеваше да си стави шамиче навреме на уста, па беше страшно. Еднаш успеа да стаса само до вратата на собата…Ѝ читав поезија. Сета ја направи со крв!
Ме излечи шумава, Јасене Виорски. Постојано на чист воздух, во природа…А ми немало спас, велеа…Ноќе ја гледав смртта. Ми доаѓаше на сон!…Се плашев!
Но, тоа е минато. Минало.
А сега ти. Твојата болест, Јасене Виорски!
Мојата болест е нешто друго, Марија Имотска. Некогаш чувствувам како ми се одземаат нозете и рацете. Воопшто не ги чувствувам!..Помислувам готово е, вакво е доаѓањето на мојата смрт, веќе ќе ме нема. Потоа наеднаш се успокојувам и сè е на место…Некаква депресивна состојба!..Не, не ми е потребно лекување. Не е тоа тоа. Едноставно, ритам на животот, а веројатно и годините. Знаеш, спокојството си доаѓа со време. Сега сум вљубен во тебе, на пример, и твоето присуство ме успокојува.
Ете, и ти со смисла за поезија. Сродни души, нема што, Јасене. Сме се нашле.
Не биди иронична. Тоа се само мигови…Зошто да не одбираме зборови? Не е ли подобро вака? А тоа со сонот…Не знам каков предзнак може да биде змијата. И зошто предзнак? Можеби едноставно лош сон. Од преголем умор. Некаква симболична сензација од стварноста.
Чуј, Јасене Виорски! Сè што ми раскажа им изгледа како дел од твоја драма. Ја продолжуваш со мене, а таа е веќе нешто друго. Предложен е еден нов термин за тоа, за мене прифатлив зашто мислам дека е многу прецизен: факција. Точно погоден, да знаеш!
Но, Марија Имотска, што ако е и така?
И сега наеднаш друг настан. Тебе човек тешко може да те следи. Потребен е огромен напор. Ништо дораскажано, сè на полпат! Како да немаш време. Како да сакаш брзо да стасаш на целта. Сè во мигови, доживеани или измислени!
Морам да ти раскажам за лавиринтот. Да не заборавам. После сè ќе ти објаснам. И да знаеш, ништо не е случајно. Сè е во врска со нас. Сè како дел од нашата состојба!..Следи ме внимателно, па заедно ќе ги совладаме времето и промените. ..А враќањето дома…се знае. Според Сенека: почетокот и крајот.