Авторитетот и достоинството

Авторитетот и достоинството

Тие секогаш одат заедно. Не како лозунг, туку како тивка законитост што се повторува низ историјата и секојдневието. Во минатото и денес, во бизнисот, политиката, институциите, па и во интимните односи. Каде и да погледнеш подлабоко, ќе видиш дека авторитет без достоинство лесно се извитоперува во авторитарност, а достоинство без авторитет останува немо, беспомошно, изложено на туѓи проекции. Крајната последица секогаш е иста – пораз на слободата, на демократијата, на личната и колективната автономија.

Што навистина значи авторитет

Зборот авторитет доаѓа од латинското auctoritas. Во себе носи повеќе значења, но суштината е една – способност да се влијае без присила. Тоа е углед што не се наметнува, туку се стекнува. Вредност што не се декларира, туку се препознава. Авторитетот не постои сам по себе – тој секогаш е однос. Некој некому му е авторитет затоа што му верува, а не затоа што мора.

Во потесна смисла, кога велиме „овој човек има авторитет“, мислиме на личност чиј став има тежина, чиј збор се слуша не од страв, туку од почит. Тоа не е моментален ефект, туку резултат на знаење, доследност и емоционална зрелост. Токму затоа авторитетот не може да се симулира на долг рок.

Авторитет или моќ – клучната забуна

Она што често се меша, особено во политиката, е разликата меѓу авторитет и сила. Моќта се темели на страв. Авторитетот – на внатрешно прифаќање. Моќта бара послушност, авторитетот создава согласност. Затоа авторитетот делува дури и кога никој не гледа. Некои луѓе постапуваат во склад со одредени норми и кога се сами – тоа што психоанализата го нарекува суперего. Совеста, а не заканата, е вистинскиот извор на таквото однесување.

За психолошката разлика меѓу овие поими, корисно е да се погледне објаснувањето на Stanford Encyclopedia of Philosophy за поимот authority, каде јасно се разграничува легитимниот авторитет од голата присила.

Прочитај и за ... >>  Романтичната љубов и простувањето

Личен и институционален авторитет

Личниот авторитет се гради. Со знаење, со вештини, со способност да се преземе одговорност. Институционалниот авторитет, пак, доаѓа со функцијата – лекар, судија, свештеник. Но токму тука настанува опасноста: функцијата сама по себе не гарантира вистински авторитет. Кога позицијата не е поткрепена со лична интегритетност, зборуваме за лажен авторитет.

Ова е особено видливо во религиозниот контекст. Бог често се поима како врховен авторитет, но не како фигура на страв, туку како закон, како конечна вистина. Оние што тврдат дека зборуваат во негово име не стануваат автоматски авторитети. Нивниот кредибилитет произлегува од личната доследност и морална тежина, а не од титулата.

Кога слабоста се маскира како авторитет

Во современото општество сè почесто гледаме луѓе кои својата несигурност, агресија или незрелост ја прикриваат зад припадност на „моќна“ група. Политичка партија, идеологија, движење што во моментот е недопирливо. Тоа не е авторитет. Тоа е сила. И таа сила трае колку што трае стравот.

Авторитетот во љубовта и следењето

Да, авторитет постои и во љубовта. Љубовта често значи прифаќање без критичност. Проблемот настанува кога едната страна се доживува како недоволна, незрела, неспособна да се води себеси. Тогаш авторитетот лесно се претвора во зависност. А кога водачот ќе падне, остануваат празнина, емоционален хаос и чувство на загуба на смислата.

Самопочитта како темел

Авторитетот е нераскинливо поврзан со самопочитта. Да, важно е да го слушаме мислењето на другите, да ги земаме предвид проценките што можат да ни помогнат да се коригираме. Но тие проценки често се моментални, некомпетентни или обоени со лични проекции. Кога надворешниот суд целосно ќе го замени внатрешниот, губиме ориентација.

Лидерство, харизма и одговорност

Вистинскиот авторитет секогаш носи одговорност. Способност да се решаваат конфликти, да се преземе товарот на очекувањата, да се инспирира без да се понижува. Затоа авторитетот и лидерството се преклопуваат. Нема лидерство без авторитет, ниту авторитет без способност да се мотивираат другите да го дадат својот максимум.

Прочитај и за ... >>  Живот и творештво-животно творештво: Ернест Хемингвеј

Манипулацијата и „големите зборови“

Манипулацијата е темната сенка на авторитетот. Особено во политиката. Големи зборови, апстрактни поими, емоционални симболи – љубов, вистина, светлина, Бог. Кога тие зборови се користат без аргументи, стануваат алатка за прикривање празнина. За оваа појава, јасна анализа нуди Encyclopaedia Britannica, особено во делот за appeal to authority и логичките грешки.

Советот е едноставен и стар колку и реториката: кога некој се расфрла со „големи“ зборови, прашај се што сака од тебе.

Сомнежот како здрав механизам

Сомнежот не е слабост. Тој е заштитен механизам. Без сомнеж лесно се занесуваме, лесно прифаќаме убаво спакувани идеи. Дури и науката живее од сомнеж – старите теории постојано се преиспитуваат, новите се уриваат и повторно се градат. Каде што нема сомнеж, таму почнува догмата.

Достоинството – тивката мерка на човекот

Достоинството секогаш има позитивен призвук. Тоа е нешто што не се подарува и не се одзема. Секој човек го поседува. Може да се гази, но не може да се уништи. Затоа е толку тесно поврзано со човековите права.

Интересно е што истиот поим често се користи за спротивставени ставови, како во расправите за евтаназијата. Едните зборуваат за достоинството како апсолутна забрана, другите како право на избор. Тоа само покажува колку е сложен поимот.

Надменост или достоинство

Надменоста е карикатура на достоинството. Таа се храни со лага, со претстава, со потреба за публика. Колку повеќе надменост, толку помалку достоинство. Надмениот постојано глуми некој друг, се плаши да не биде разобличен. Достоинствениот човек нема потреба од глума. Тој знае кој е, што е и на што е.

Надмениот е нападен затоа што е слаб. Достоинствениот е смирен затоа што е јак.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.