АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 3 минути

2.3.3. Придружна функција

За слушаноста на радиото на современата модерност како комплексен процес мошне пристапен и компетентен прилог нуди есејот на Харолд Менделсон под наслов „Слушање на радио“(1). Во него тој главен акцент става на придружната функција на радиото. Меѓу другото го пишува следново:

„Последица на најголемата улога на радиото како придружник е и неговата прилагодливост со расположението на слушателот или психолошкото расположение во секое време“.

Оваа расположба е поврзана со можноста за избор на радио станица од поголем број односно избор од повеќе различни радио програми: локални, регионални, со статус на јавни и приватни (-трговски радиодифузни друштва). Тоа е во корелација и со задоволувањето на интересот и потребите на индивидуалниот слушател од една, како и на „масовната публика“ од друга страна.

Конкретен пример во таа смисла е слушањето на вестите во рамките на отворено-контактната програма, во која тие (како рубрика) имаат поинакво, меѓу другото и подинамично место, отколку во програми со друга глобална програмска ориентација-доминантно информативна.

Имено, „слушањето“ на вестите на радиото на современата модерност има подеднаков третман како и секоја друга содржина (информативна, документарна, забавно-рекреативна, забавно-едукативна (или едукативно-забавна), образовна, музичка и тн.). Притоа, слушањето го ставам во наводници за да ја нагласам двојната функција на овој информативен сегмент, инаку неопходен во кој било тип на радио, со каква било концепција и глобална програмско-уредувачка ориентација (се разбира, со соодветна содржина): дека и тие-вестите се „слушаат“, но можат мошне често да се користат за континуирана во време и простор делотворна концентрација на вниманието на слушателот, односно за негово активно „учество“ во нив (селективност, основна информираност, градење на личен-индивидуален критички став). Ова од причина што веста има повеќекратна функција и значење во програмите на радиото и телевизијата, а што не е случај, на пример, во другите средства за масовна комуникација (печатените медиуми).

Што се однесува на таквата функција на музиката (која голем број на теоретичари на радиото, особено оние што се занимаваат со естетиката на модерното радио, ја земаат за пример токму во однос на делотворната концентрација на вниманието на слушателот), неа многу повеќе треба да ја поставуваме во однос на ритамот на слушање на говорните содржини, најмногу кога станува збор за актуелни теми и проблеми кои инсистираат на ангажирана, активна улога-функција на рецепиентот.

Музиката го релаксира, го разонодува, воопшто го ослободува, но едновремено и го мотивира слушателот сопствената работна-творечка енергија да ја насочи кон целта што си ја поставил. Една популарна синтагма на радиото на современата модерност, што на синтетичен начин ја дефинира неговата „активистичка“ улога, гласи: „Ова е радио што се слуша“.

Таа ја содржи токму таквата функција на музиката. (Треба да се има предвид и научната потврда за влијанието на музиката врз продуктивноста не само на човекот, туку и на животните, растенијата итн.).

Потребата од дефинирање, односно разликување-разграничување помеѓу индивидуалниот и „масовниот“ слушател се укажува особено при креирањето и уредувањето на тн. отворено-контактни програми (за кои ќе пишувам во посебно поглавје), и тоа со подеднакво значење на придружната, информативната и активистичката функција на радиото.

Активното слушање, учеството на слушателот во настаните на денот, пак, не значи само учество во информациите од моментна индивидуална корист (на пример, во рамките на програмските сегменти на услужното радио), туку и во креирањето на самата содржина на неговиот ден, во комуникацијата со него и со неговите „актери“-соработници.

Харолд Менделсон вели:

„Токму така како што радиото му дозволува на слушателот да учествува психолошки во новините на денот, тоа исто така му овозможува да ги подели со другите разновидните настани од општ интерес. Слушателот го користи радиото за да се врзе повеќе со другите слушатели како него, врз основа на тоа што бил сведок на истите. За многумина слушатели овие поделени искуства стануваат фокус на внимание и конверзација“.

За овој разглед на прашањето за слушаноста на радиото соодветно значење има и заклучокот од истражувањето на Х. Менделсон за причините за избор на различни радио станици: давање на утилитаристички информации и вести; радиото е активен придружник на расположението; тоа го ослободува слушателот од психолошка напнатост и притисок и (или) му нуди пријателско другарување. Сето тоа е во директна корелативна врска со креирањето, уредувањето на различни радио програми, емисии и рубрики.

Четирите функции според Х. Менделсон: утилитаристичко информирање, активна забава, функција на психолошко ослободување и функција на пријателско другарување-се функции имаментни на секое радио, без оглед на развојната стратегија и глобалната програмско-уредувачка концепција.

Основа за дефинирање на радиото на современата модерност, за неговото физиономирање, содржина и насока, е токму деталната анализа на наведените функции, како и прашањата, дилемите и проблемите што тие ги иницираат; секогаш во однос на заложбата за дефинирање и практична реализација на проектот „ЕВЕРГРИН ГРОМ РАДИО“ како: семејно, едукативно-забавно, информативно-контактно, бизнис радио (комерцијална-маркетиншка компонента која бара посебна елаборација).

1). Харолд Менделсон:”Слушање радио”,Трета програма на Радио Скопје, Скопје, 1988

Leave the first comment