11. 2. Новинарска специјализацијa
(Области)
Новинарскиот професионализам подразбира од една страна општа култура или познавање на тоталитетот на животот, следење на состојбите, проблемите и промените во сите сфери на општествено-економскиот, политичкиот, културниот, јавниот живот, на комплексноста на цивилизацискиот развој на човекот и светот, а од друга конкретна специјализација, стручност и компетенција кои овозможуваат континуитет во следењето на одделна област. На тој начин се афирмира авторитетот на новинарот и на неговата пред сè творечка личност.
Во ангажманот на радио-новинарот (на новинарот воопшто) постои една „двојност“: тој како реализатор на програмата се јавува во улога на радиомен, кој на директен или индиректен, посреден или непосреден начин комуницира со слушателот (својот слушател), а како известувач, проследувач, аналитичар е личност која стекнува доверба, чиј збор-глас (текст) се слуша (чита), со кого може да се расправа-полемизира, на чии аргументи можат да му се сопостават сопствени.
Новинарската специјализација на ниво на едно радио (радио-програма) овозможува лична надградба и не само квантитативно, туку и квалитативно вреднување на секој ангажман. Таа е (треба да биде) една од приоритетните задачи на раководниот-уредувачкиот тим и дел од програмско-уредувачката политика. Проблемот на недостиг од новинарски радио-кадри е резултат пред сè на несоодветна и недослена грижа за специјализација односно профилација на ангажираниот кадар на радијата (не само новинарскиот), а што претставува еден од предусловите за квалитетна-успешна радио-програма (како и во секоја продуктивна дејност).
Областите што се неопходни за новинарско „покривање“, за да се остваруваат глобалната програмско-уредувачка политика и програмската концепција, треба постојано да се збогатуваат, мултиплицираат, во мисла на натамошна конкретизација и надополнување. Тоа значи дека оваа проблематика е во постојан динамизам и менување, а во зависност од динамиката на промените на животот, на неговите вредности.
На пример, еколошките проблеми на светот иницираа интензивно и континуирано следење, проучување, истражување и активитет на човекот, а еколошката област предмет и на новинарско интересирање. Веќе можеме да говориме дека и кај нас се профилира посебен новинарски кадар за таа област: еко-новинари.
За програмско „покривање“-реализација на радиото на современата модерност е нужна специјализација на новинарскиот кадар за следниве области:
Во рамките на Редакцијата за информативно-контактна програма:
-уставно-права и судска практика и проблематика, политички плурализам, економска политика и развој, стопанска структура-инвестиции и развој, финансиска (фискална) политика, монетарно-кредитна политика-банкарски систем, технолошки развој, индустрија, енергетика, популациона политика-демографска структура и развој, синдикално движење, социјална и здравствена политика и развој, комунален систем-комунални дејности, станбена дејност-станбена политика, сопственички плураизам-слободен пазар, аграрно стопанство, трговија, инфраструктура-туризам-услужни дејности, туризам-одмор-рекреација-разонода, сообраќај, собраниска хроника.
Во рамките на Редакцијата за култура и забава:
-култура и цивилазација, културна политика, образовен систем, научно-истражувачка дејност, еколошки истражувања-хумана екологија, комуникологија-информатика-средства за масовна комуникација, етно-лингвистички истражувања, социјална и културна антропологија, музичка уметност (музикологија, етномузикологија, концертна дејност (вокална, инструментална, вокално-инструментална), конкретна-електронска музика, народна музика, џез-блуз, забавна (шлагерска-леснонотна), рок музика-сите нејзини развојни фази и нови правци); хумор и сатира, естрада, спорт и рекреација-физичка култура, модерен живот, слободно време-одмор, разонода, игра.
Наведените области (и нови во меѓувреме) можат да се распределат и во повеќе редакции, но двеве се стожерни.
Во продолжение ќе понудам кратки дефиниции и општи созанија за секоја област одделно, како и за начинот на презентацијата-реализацијата.