АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 6. Монетарно-кредитна политика-банкарски систем

Со оглед на состојбите и развојните перспективи, монетарната сфера воопшто, особено монетарно-кредитната политика, а во тие рамки новата поставеност и функционирањето на кредитниот систем, се и допрва ќе станат мошне значајна област на новинарскиот ангажман.

Монетарниот-кредитниот систем најнапред се посматра од аспект на организационо уредување на техничките и други прашања и претпоставки битни за функционирањето нa парите во општествено-економскиот живот на одделни заедници. Тој претставува збир на прописи со кои од страна на државата се одредуваат основните институционални и организациони прашања во врска со парите, потоа регулирањето на емисијата, циркулацијата и повлекувањето на парите (конститутивни елементи на суштината на парите како економска категорија, на нејзиното внатрешно јадро), но и предусловите што ги овозможува поставената општествено-економска структура, конкретно монетарниот систем во современи услови. Тој, пак, се дефинира како збир на институционални и организациони решенија и инструменти кои можат да се користат како прометно или платежно средство; потоа политиката на стопанските субјекти, нивната надлежност во одлучувањето за прашања од стопанисувањето врзани за парите; механизмите на регулирање на емисијата, циркулацијата и повлекувањето на парите; конкретизација на монетарната политика како начин за насочување на стопанските текови; и улогата на пазарните механизми во монетарната област.

Функционирањето на монетарно-кредитниот систем претполага постоење на пазар на пари и пазар на капитал. Севкупното работење со депозитите и кредитите од страна на деловните банки, пак, зависи од постојната структура на банкарскиот систем, од технологијата на платниот промет, одливот на средствата од банкарскиот систем како целина, како и регулативната улога што ја врши централната банка по пат на висината на задолжителните резерви и по пат на кредити што им ги одобрува на деловните банки.

Институционалните механизми и методи претставуваат рамка за водење на монетарната политика: конкретно насочување на стопанските текови и процеси што дејствуваат преку монетарниот сектор, користејќи соодветни инструменти. Тоа претставува еден од основните начини за насочување на стопанските процеси. Нејзина конкретна задача е да го снабдува вкупниот репродукционен систем со пари во мера потребна за непречено извршување на политиката.

Економската теорија посебен акцент става на поддржувањето на порастот на материјалното производство и вработеноста, на стабилизацијата на цените, на урамнотежувањето-синхронизацијата на стоковно-паричните односи, како и на подобрувањето на платниот биланс.

Спроведувањето на монетарната политика по правило оди преку централната банка, и тоа со инструменти на квантитативно регулирање: дисконтната стапка, операциите на отворениот пазар и политиката на задолжителните резерви. Дисконтната стапка овозможува менување на каматната стапка и на други услови под кои централната банка прима во реесконт комерцијални и други вредносни хартии од деловните банки и финансиските институции.

Операциите на отворениот пазар всушност претставуваат купување и продажба на хартии од вредност (државни обврзници, поретко банкарски акцепти и други хартии) од централната банка.

Регулирањето, пак, на задолжителните резерви што деловните банки во пропишан процент ги држат кај централната банка е мошне распространет инструмент на монетарната политика.

Кога станува збор за банкарството се има на ум пред сè улогата, значењето и однесувањето на банките како важни институции на финансискиот и поширокиот економски систем на земјата. Историската ретроспектива на развојот на банкарството, меѓу другото, покажува дека неговата улога се зголемувала напоредно со развојот на капитал-односите, развојот на пазарот и пазарните односи, со индустриско-технолошкиот развој, со јакнењето на моќта на парите во сите сфери, трговската размена итн.

Банките вршат мошне хетерогени работи, почнувајќи од креирање и влевање на нови пари во економскиот систем, преку интермедијарните функции на мобилизирање и концентрирање на стопанските и општествените фондови, па сè до извршување на најразлични интеракции, информативни и советодавни работи за своите членови-коминтенти.

Банкарскиот систем претставува дел од финансискиот. Банките пртставуваат негови најважни институции. Тие се еден вид резервоар на финансиските ресурси, но и на релевантни податоци и информации што користат за адекватно проценување на кредитната способност и кредитниот ризик на побарувачите на кредит. Едновремено, тие ја илустрираат стабилноста на стопанството во целина, неговата стратешка развојна политика, неговата способност за нови инвестициони зафати, перспективност.

Банкарството има пет основни функции: депозитна, кредитна трансмисија на пари, финансиски и советодавни услуги и надворешно-трговски услуги. Секоја банка е должна да креира деловна политика, односно да воспоставува и конкретно применува методи и механизми на формирање на финансиски потенцијал, потоа да врши алокација на кредитите, да одржува задоволувачки степен на ликвидност и сл.

При изградба на нов општествено-економски и политички систем, создавање на предуслови за нов развоен и инвестиционен циклус, динамизација на стопанскиот развој во целина, од првостепено значење е дејствувањето на меѓународните комерцијални банкарски установи; поврзувањето со нив, користењето на нивните услуги, нивниот кредитен потенцијал. Се разбира, притоа водејќи сметка за границите на задолжувањата, солвентноста-инсолвентноста итн.

Следејќи ги континуирано поставеноста и функционирањето на банкарството кај нас, како посебен мошне комплексен новинарски ангажман на современото-модерното радио, особено внимание треба да им се посветува на трите групи фундаментални проблеми: методите и механизмите на банкарското снабдување на економскиот систем со адекватна маса на пари и финансиски ресурси, институционалната структура и зголемување на степенот на ефикасно дејствување на банките, како и можностите за зголемување на квалитетот, технологијата и динамиката на дејствување на овие значајни институции. Во тој контекст мошне актуелна во подолг временски период е трансформацијата на банкарскиот систем.

Leave the first comment