АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 11. Синдикално движење

Без оглед дали синдикалното движење се разгледува во историска перспектива, во просторниот и временски актуалитет или во процесот на револуционерните, односно реформските промени, тоа има некои свои специфични општи назнаки кои секогаш треба да се имаат предвид.

Најнапред, станува збор за класна борба како негова иманенција. Синдикалното движење го сочинуваат општествено-економски организации на работничката класа кои се борат за остварување на нејзините интереси. Тоа во себе интегрира различни форми и содржини во зависност од општествено-економското и политичкото опкружување.

На пример, во граѓанското општество синдикалните организации категоријално се определуваат како интересовни групи чија цел не е освојување на власта, туку влијание (притисок) врз државата и нејзините органи (или технократската структура) да прифати и реализира одредено барање од сферата на заштитата на работникот и неговиот статус.

Натаму, формите и содржините на борбата на синдикалното движење за остварување на општествено-историскиот идентитет на работничката класа постојано се менуваат и збогатуваат, така што за разлика од првите „етапи“ на неговиот развој, кога таа борба беше концентрирана на зголемување на надниците, намалување на работното време и подобрување на условите за работа, денес таа навлегува и во некои области од поширок општествен интерес, а особено во донесувањето важни економски одлуки. Не помал е неговиот активитет во политичкото одлучување и управување со заедничките работи на општеството, иако неговата политизација изроди сосема спротивни ефекти и состојби.

Разликувањето на синдикатите според концепцијата и средствата на класната борба на револуционерни и реформистички го идентификуваат синдикалното движење како важен фактор на општествените и економските односи. Во пошироки рамки, преку формите на соработка или антагонизам помеѓу синдикатот и државата, тоа игра мошне активна улога во сферата на остварувањето на економските интереси на работниците, а сè поголемо е и учеството на работниците токму преку синдикатот во управувањето со претпријатијата, и тоа во рамките на партиципацијата и колективното преговарање.

Дека борбата на синдикалното движење е навистина мошне широка, говори и неговото сè поактивно учество во распределбата на националниот доход, во поттикнувањето на технолошкиот развој и искористувањето на неговите достигања, како и во втемелувањето и развивањето на меѓународните економски односи.

Втората карактеристика, што го идентификува синдикалното движење и на кое во реформските тенденции и конкретни зафати му се придава значајно место, особено во однос на неговите нови задачи и нови примерени методи за нивно остварување, како и во однос на неговата нова функција во плуралистичкото димензионирање на животот, е неговата организациона поставеност. Некои решенија веќе се остваруваат, макар што сè уште останува отворено прашањето: каков синдикат? Ова затоа што, како и во сите други сфери на нашата општествено-економска и политичка организираност, и во оваа се пројавени низа слабости, дури со крупни последици врз положбата и статусот на работникот, па и негова економска и политичка експлоатација: непостоење на прецизно дефинирана и остварлива цена на трудот, бирократизација до невидени размери, искористување на правото на штрајк итн.

Новата поставеност на синдикатот во наши услови всушност треба да овозможи враќање на неговите стари традиционални компетенции: во подобрувањето на животните услови на работниците, во остварувањето на работното право и социјалното осигурување, односно социјалниот статус како составка на социјалната политика на државата, непосредното учество во нејзиното креирање итн. Со други зборови, користејќи ги светските искуства, синдикалното движење мора да ги дефинира сопственото место и активитет во севкупниот општествено-економски и политички динамизам.

Со заживување на плуралистичкото синдикално организирање многу нешта во синдикалното движење кај нас го заземаат вистинското место: струковото организирање и обединување во струковни сојузи-синдикати, а сите струкови сојузи (синдикати) во една земја во сојуз и конференција, потоа меѓународно поврзување и сл.

Новинарскиот секторски ангажман на радиото најнапред подразбира следење и толкување на процесите на реорганизација на синдикалното движење и нивното значење во севкупните реформски процеси. Заживувањето и функционирањето на новото организирање се следи во континуитет и се афирмираат позитивните трендови, едновремено градејќи критички однос спрема она што се изродува во негов сурогат, спрема она што не е или е дури спротивно на материјалните интереси на работниците пред сè, на остварувањето на нивните демократски слободи, еманципација и слично.

Поттикнувањето на активностите на синдикалните организации претставува и активно вклучување во нив, во смисла на конкретна програмска анимација, како во конкретизацијата и остварувањето на одделни зафати, исто така и во нивната квалитетна надградба. Покрај обезбедувањето на материјалната и социјалната сигурност и заштита, организирање на културно-просветни активности, осмислување и организирање на слободното време и друго.

Leave the first comment