АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 16. Аграрно стопанство

Аграрното стопанство, како специфична област од фундаментално значење во нашиве простори на живеење, има посебен третман во програмско-уредувачката политика на совеменото-модерното радио.

Во плуралистичките координати се изразува пред сè со следење и толкување на аграрната политика, a чија конкретизација во економиката на производството и стопанството ги изразува стремежите кон високопродуктивно земјоделство. Тоа, пак, од своја страна, значи дека се претставува интензивниот развој на селото, на современите урбани агломерации, во кои не само ќе се унапредува културата на живеењето, туку континуирано ќе се надополнуваат севкупните резултати на целите, средствата, правните, техничките и организационите мерки на аграрната политика како составен сегмент на економската политика.

Во таа смисла, следењето и програмската застапеност на оваа проблематика треба да биде свртено кон некои основни параметри.

Најнапред е потребна постојана афирмација и критичка валоризација на целите на аграрно-политичката активност, на средствата, мерките и методите на дејствување на главните носители на аграрната политика.

Приоритетните цели се третираат низ призмата на реалната остварливост, а особено зголемувањето на обемот на земјоделското производство и кохерентноста или менувањето на неговата структура. Порастот на продуктивноста на трудот и придонесите во земјоделството се следат континуирано (не само „сезонски“, туку и во причинско-последична врска). Притоа, се гради особено критичен однос спрема цените на земјоделско-прехранбените производи, нивната умереност и стабилност, влијанието врз порастот и стабилизацијата на доходот (профитот, добивката) на земјоделското население.

Секогаш треба да се имаат предвид основните начела на политиката на цените: правилниот, потребниот сооднос помеѓу цените на земјоделските и неземјоделските производи и услуги, односот помеѓу откупните и малопродажните цени на земјоделските производи. Воопшто, цените го имаат третманот на најзначајно економско средство, се разбира воопшто не запоставувајќи ги и другите: инвестициите, даноците, извозот и увозот; инвестициите во однос на нивната функционалност и ефикасност; даноците како мошне важен фискален инструмент на регулирање на стоковните и куповните фондови; распределбата и регулирањето на развојот на одделни делови од земјоделството, на одделни земјоделски гранки; извозот и увозот кои директно влијаат врз понудата и побарувачката на земјоделските производи.

Високо продуктивно земјоделство не може да се остварува без соодветни технички, организациони и правни мерки на аграрната политика: механизацијата, хемизацијата, зоотехничките мерки, комасацијата и арондацијата, плодоредот; организацијата на земјоделските претпријатија и разните облици на нивното поврзување и здружување (задругарство, земјоделски служби, пазарот и пазаришните инспекции); регулирање и спроведување на одделни мерки и акции во сферата на производството, прометот, поседовните односи и слично.

Сите тие се предуслов за помали годишни флуктуации на земјоделското производство, социјална и економска сигурност на производителите, помала зависност од природните услови, рационална примена на современи агро-технички и организационо-економски мерки.

Важно прашање, кое особено го засега домашното производство во услови на либерализација на увозот и, под нејзино влијание, преструктуирањето во модерно и конкурентно производство, е неговата заштита. Меѓутоа, заложбата за заштита на домашниот пазар и домашното производство не може да ги уважува тенденциите за тн. аграрен протекционизам, па компетентноста во следењето и коментирањето на овој проблем мора да ги претпостави слабите економски и политички резултати пред мерките за заштита: високите цени на храна го ограничуваат пласманот на индустриските производи; порастот на платите во неземјоделските дејности, што ја намалува конкурентската способност и на индустријата и на земјоделството; позабавен пораст на продуктивноста на трудот во земјоделството; сите тие наспроти заштитните мерки: високите царини на увоз на земјоделските производи, забрани, контигенти.

Објективен третман треба да имаат помагањето на извозот, давањето на поволни земјоделски кредити, помагањето на неразвиените подрачја, развојот на земјоделски научни институции и земјоделски служби, школувањето на високостручен кадар итн.

Впрочем целите на аграрната политика, особено со поттикнувањето на европските интегративни процеси, треба да кореспондираат со целите на ЕУ, имено: порастот на продуктивноста на трудот во земјоделството, првенствено по пат на поттикнување на технолошкиот прогрес и рационална организација на производството; пораст на платите на земјоделците, и врз таа основа зголемување на животниот стандард на земјоделското население; стабилизација на пазарот, гарантирање на прифатливи цени за потрошувачите.

Во општите (заедничките) и специјалните програмски сегменти на современото-модерното радио аграрното стопанство, а пред сè аграрната политика во сета нејзина комплексност, треба да се третира низ специфични форми и со користење на повеќе новинарски радио-жанри. Имено, покрај информативно-аналитичкото следење на мерките, инструментите, целите, конкретните резултати на аграрната политика, на аграрното стопанство во целина, афирмацијата на позитивните трендови во оваа област-се потребни и посебни посложени програмски зафати, од кои јавните приредби и директни емисии, како и конкретните акции (од развојот на инфраструктурата, унапредувањето на културата на живеењето на село и слично) имаат мошне позитивен одек кај слушателите.

Leave the first comment