11. 2. 17. Трговија
Во секоја земја трговијата се третира како посебна стопанска област која се занимава со промет на стока, но не како единствен носител на стоковниот промет (со промет на стока се занимаваат и производителите, па и организираните потрошувачи). Со промет на стока таа се занимава посредно-посредува во процесот на размената на стоки помеѓу производителот и потрошувачот, односно помеѓу производителите и потрошувачите. Таа обезбедува понуда на стока во количество и асортиман што ги бара пазарот, во време кога се бара и по цени и други услови што купувачите се подготвени да ги прифатат. Непосредниот стоков промет има економско оправдување кај големите испораки на стока.
Трговијата има три основни функции: интерперсонална, интерлокална и интертемпорална (меѓувременска). Интерперсоналната функција се одвива помеѓу физички и правни лица во прометот и се состои во набавка на стока од производителите и продажба на истата на потрошувачите (купопродажба). Интерлокалната е всушност меѓумесно посредување што произлегува од регионалните разлики во производството и потрошувачката (во еден регион се појавува вишок, во друг недостиг на одделни производи), а во теоријата на маркетингот се означува како пазар на изобилство и пазар на скудност. Интертемпоралната функција произлегува од временската неусогласеност помеѓу производството и потрошувачката која настанува главно од две причини: производството е од сезонски карактер, а потрошувачката континуирана (на пример земјоделско-прехранбени производи), и производството е континуирано, а потрошувачката е од сезонски карактер (на пример некои видови на градежен материјал и сл).
Постојат и тн. дополнителни функции на трговијата: експедиција и промет на стоки, нејзино складирање, чување, сортирање и облагородување, потоа размерување, пакување и др., што се предизвикани од движењето на стоката од производителите до потрошувачите. Тие дополнителни или хетерогени функции имаат производствен карактер и во соодветни размери ја зголемуваат вредноста на стоката.
Економската теорија подвлекува дека трговијата денес не е само канал на дистрибуција, како што обично се вели во теоријата на маркетингот, туку и извор на отворање на нови работни места, воопшто мошне значаен фактор на општествениот и животниот стандард на населението.
Во третманот на трговијата на програмата на совеменото-модерното радио не треба да се пренебрегнува и основната поделба на трговијата на големо и мало. Трговијата на големо (или гросистичката трговија) продава стока во големи количества, и тоа е нејзината основна карактеристика. Ја продава на трговијата на мало, на производителите и тн. крупни потрошувачи. Трговијата на мало, како посредник во прометот, ја покрива малопродажната фаза на стоковната дистрибуција. Таа набавува стока од трговијата на големо или непосредно од производителите, а им ја продава главно на крајните потрошувачи. Дејноста на трговијата на мало е од витално значење за животниот стандард на населението. Ефикасното снабдување за населението со стока, пак, зависи пред сè од развојот на малопродажната мрежа по типови на продавници кои се добро структуирани и правилно разместени.
Во организационо-технички поглед трговијата претставува сложена и мошне динамична дејност, па токму таа сложеност и динамичност треба да најде одраз и соодветен конкретен новинарски ангажман, особено во нејзината афирмација и маркетиншка презентација. Притоа, треба да се води строго сметка за дистинкцијата помеѓу презентацијата на постигањата и проблемите на сите фактори и носители на трговската дејност од една, како и маркетиншкиот пристап во афирмацијата на нејзините вредности и резултати од друга страна.
Комерцијалното радио главно акцентот го става на маркетиншкиот пристап, а секое друго, особено забавно-рекреативното го преферира првиот програмски ангажман (конкретно инкорпорирање на трговските претпријатија во забавните содржини од типот на пр. на квиз-натпреварите што исто така за нив, а не во рамките на програмскиот интерес, претставува своевиден маркетинг).
Во третманот на трговијата посебно место треба да има меѓународната трговска размена како дел од вкупната економска политика на една држава, нејзината поврзаност со светот, афирмацијата на нејзината економска моќ и компаративните предности.