АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 12 минути

2.4. Конкурентност, алтернативност-комплементарност

Промислувањето за конкурентноста и алтернативноста, односно за комплементарноста воопшто, а особено во еден развиен масмедиумски простор, треба да тргнува од нивните основни назнаки и специфики (-општи места), а за да се постигне крајната цел: откривање на нивната суштина, разбирање, разграничување и примена. Поради многу непознаници на тој план, лесно се губат од предвид смислата и содржината, па се поставуваат и погрешни и непотребни норми односно „правила на игра“.

Од друга страна, ставот дека „нормирањето“ не е нужно во првата фаза, додека се „научи“ пазарната логика, воопшто не ги афирмира конкурентноста и алтернативноста (комплементарноста уште помалку). Напротив, таквиот пристап во период на транзиција резултира со хаос, деструкција на потврдени вредности, губење на вредносните критериуми. Нашето (-македонското) практицирање на севкупната општествена трансформација е очевидна потврда на тоа, па не држат оправдувањата дека е тоа „нужно зло“ што треба да се преживее додека се стрекнат „соодветни“ знаења и искуства. (Како наеднаш да сме се рабудиле од длабок сон, не „пресекла“ суровата стварност и во сè мораме да почнуваме од почеток; како дотогаш да сме биле надвор од светот).

Нашата медиумска состојба особено во радиодифузијата е можеби најдобрата илустрација на таквото погрешно поставување на нештата. Тоа најмногу се одрази (-се одразува) на конкурентноста и алтернативноста, па тие не ги даваат, не можат да ги дадат очекуваните резултати.

Конкуренцијата се прифаќа пред сè како економска категорија (конкуренција: натпреварување, соперништво). Станува бор за однесување во „размената“ изразено во различни форми. Во конкурентски односи влегуваат заинтересирани страни со свои производи; едни на страната на понудата, а други на страната на побарувачката. Притоа, степенот на конкурентност, моќта на производот да се наметне на пазарот потиснувајќи ги другите, најмногу зависи од квалитетот, дизајнот, маркетиншката стратегија и тактика, како и од познавањето на процесот на производство и неговата реализација (производство-дистрибуција-употреба, исто така и од следењето и примената на најновите организациони и техничко-технолошки достигнувања.

Алтернативноста (избор помеѓу две или повеќе можности) е дел од конкурентноста (без неа не е можна), но дејствува и самостојно. Имено, таа не мора да биде предизвикана од потребата за конкурентност (-борба, наметнување, освојување). Таа е секогаш наспроти нешто, како можност (-понуда) и притоа да не му конкурира на постоечкото. Станува збор повеќе за нова вредност која наметнува и ново размислување, нови критериуми, отколку за спротивставување или негација. Оттаму и нивното поврзување и безусловност.

Ваквата поставеност на алтернативата е најприсутна во уметноста односно творештвото, во кое таа практично ја заменува конкуренцијата. Галвано Дела Волпе во своето дело „Критика на вкусот” тоа го искажува на следниов начин:

„(…) од природата на конкретната интелектуалност, логичко-интуитивниот комплекс и, во таа смисла, говорот, поезијата, може основано, ако не грешиме, да се изведе карактерот на типичност (па, според тоа, и тенденциозност) на поетските вредности воопшто; поради тоа треба да се признае, освен научното типично, уметничкото типично како целина на општи и специфични својства или една историско-општествена есенцијалност која, се чини е излишно да предупредуваме на тоа, нема никаква врска-токму поради својата конкретна интелектуалност-со каков било вид на статистички просек; впрочем, ако типичноста е суштина на еден даден историски феномен, таа не може едноставно да се идентификува со она што е најмногу раширено, што е најчесто (или количествено мерливо) или најобично. Со други зборови, тоа типично, токму затоа што не е некој просек, се претставува како нешто сетилно или конкретно или карактеристично кое е затоа искажливо, тоест вредно со посредство на една целина од општи-специфични црти, а не само од општи или генерички. Накусо, тоа е една карактеристична типичност“(1).

Пренесено на нашиот „терен“, типичноста ( која, се разбира, не се однесува само на „уметничкото“ имајќи ја предвид „историско-општествената есенцијалност“) е всушност потврда на алтернативноста. Досегашните теоретски сознанија и практични искуства во сите области (евидентно и во аудио-визуелната) потврдуваат дека таа се постигнува многу потешко отколку конкурентноста, бидејќи станува збор за „типичност“ и (додавам) автентичност (-изворност, оригиналност). Причината е едноставна и банална (кога станува збор за нашата ситуираност): непознавање на постигнатото (-имитација и стереотип) и „извртено“ разбирање на медиумскиот бизнис, негово изедначување со секој друг (-лесно „снаоѓање“ во просечноста).

Што се однесува на комплементарноста (надополнувачкото, дополнителното), таа најдиректно кореспондира со конкурентноста и алтернативноста, па дури на еден начин претставува нивно обопштување од гледна точка на перспективност. Имено, секој обид за менување на нештата не го негира постоечкото во апсолутна смисла (во спротивно тоа би значело радикализам што и е својствен на авангардата во нејзиниот „популарен“ став: „Не знам што сакам, но тоа го сакам веднаш“), туку, напротив, го претпоставува континуитетот на развојот-квантитативен и квалитативен. Во однос на современоста-модерноста на радиото тоа значи почитување на искуството и постигнатите резултати, обид за нивна надградба.

Дека радиото треба да биде конкурентно и алтернативно односно комплементарно со другите масмедиуми, го прифаќаме во мера која значи збогатување и проширување на оние содржини што се однесуваат на неговиот активизам: максимално искористување на неговите предности и специфики (на пример, во однос на телевизијата зборот како слика; во однос на печатените медиуми живиот збор-акустичноста). Комплементарноста е најмногу во функција на комплетирањето на „сликата“ на стварноста; таа е дел од комуникацискиот феномен на електронските медиуми како технолошки средства што му се неопходни на современиот човек.

Главна претпоставка за успешно радио и негово ефикасно, квалитетно функционирање на масмедиумскиот пазар е конкурентноста (-радиската конкурентност). Тоа едновремено значи и програмска алтернативност, чија основна цел е борбата за слушател, за публика, што е најдиректно поврзано со маркетиншката ориентација на одделните програмски сегменти, а во рамките на со закон утврдените-дозволените маркетиншки простори (-процентуално учество на рекламите во еден програмски час). Конкурентност пред сè во стилот и јазикот, во пристапот на зададената тема, што претпоставува развивање и негување на навика за слушање од страна на што поголем број слушатели (-омасовување на индивидуалниот слушател).

Во прилог на заложбата за конкурентност посочувам на една значајна практика во развиениот медиумски свет: постојани, континуирани истражувања и правење ранг-листи на „популарноста“ на одделни радија, програми, емисии и рубрики, посебно на вокални личности (постојано следење на нивниот рејтинг од што зависи опстанокот на радиото односно на неговата цена). Всушност, на овој начин конкурентноста се изедначува со авторитетноста на новинарскиот пазар. Притоа, авторитетноста се прифаќа во своето поимно, изворно значење: углед, влијание, заслужена доверба. Се забележува и нешто како тренд, а што заслужува внимание посебно кога станува збор за приватните-независните комерцијални радио станици: со оглед на рационалноста во организацијата и работењето (ефикасност и економичност), „популарноста“ на радиото да се врзува за една- главна личност. Тимското работење и реализација на програмата го форсираат тн. еден човек-радио (one man radio). Тоа е веќе вообичаена практика во забавните и забавно-рекреативните емисии и рубрики-тн. ток шоу (talk show).

Воопшто, проблемот на тимската работа на радиото произлегува од конзистентноста на програмско-уредувачката политика. Стручњаците за организација на работењето ќе речат дека таа-тимската работа го овозможува остварувањето на индивидуалниит труд без кој не е возможен производствениот процес. Без оглед дали станува збор за индивидуално целосни, заокружени работни обврски или за нивна меѓузависност и сукцесивност. Тоа се однесува на секоја, која било сфера на човековиот активитет, следствено и на работењето во средствата за масовна комуникација, конкретно во радиото на современата модерност. Ако се има предвид дека идејата е индивидуална, а реализацијата колективна, тимската работа настапува откако идејата на носителот на одреден програмски проект-на неговиот автор ќе се вгради во мозаикот на глобалната програмска шема, ќе се „оправда“ себеси со сопствена аргументација. Тоа значи дека идејата е детално образложена и со јасна перспектива. Во секоја добро организирана средина потоа настапува фазата на подготовка за реализација. Се формира соодветен тим, според потребите и барањата што ги поставува идејата, составен од организатор-организатори, режисер за посложени-мултимедијални проекти, тонски реализатор(и), продуцент, маркетер(и), музички соработник-соработници, новинар-соработник-репортер, презентер, уредник-водител итн.

Има едно многу важно правило кое кај нас сè уште не заживеало: тимот не се менува, туку се уигрува, што ќе рече дека секоја идеја, секој проект мора да ја „преживее“ тн. промотивна фаза или период на „фаќање на ритам“, а кога ќе почне со победи не треба никакво негово менување сè додека победува. Напротив, кај нас таквото тимско работење е многу ретко или ако го има тимот е сведен на тројца-четворица не постојани, туку променливи, освен водителот или уредникот-водител, односно авторот на идејата кој се јавува и како нејзин реализатор.

Како би можело во наши услови да се реализира ефикасна и рационална тимска работа на радио програмата? Еден програмски експеримент реализиран пред повеќе години од страна на авторот на овој проект (1988) на Вториот канал на Македонското радио (тогаш именуван како „Канал 2000“) даде мошне добри резултати, но поради развојниот дисконтинуитет и неповолната кадровска состојба во однос на неговата профилираност набрзо беше напуштен.

Имено, на овој радио-канал програмската шема глобално се реализираше според тн. програмски денови: седум програмски дена имаа своја специфична содржина и свој препознатлив радио-дизајн; дури секој имаше свое име: „Делник од понеделник“, „Вторничник“, „Доблесна среда“, „Отворен четврток“, „Од јаснина до вечерна“ (петок), „Радио урнебес“ (сабота) и „Седмиот ден“ (недела). Тоа беше основа за една нова организација на работење, за тимско работење кое почна да заживува и да дава резултати, а некои претставуваа и достоинство за радиото воопшто-како масмедиум. Тој развоен проект беше прекинат-запрен од раководител на програмата кој немаше основни познавања за модерното радио-радиото на современата модерност, а кому главна амбиција му беше освојување на позиција на хиерархиското раководно скалило.

На сегашното развојно ниво На Евергрин Гром радио (кое во меѓувреме престана да работи) тимското работење се остваруваше во рамките на секојдневната 8-часовна едукативно-забавна програма-„жива“ радио-енциклопедија Универзалии-Паноптикум. Едновремено, во нејзини рамки се реализираше и заложбата за „еден човек-радио“ (one man radio), односно ток шоу (talk show). Станува збор за говорно ток шоу (придружено со музика за сечиј вкус, за сите генерации), со специфична структура и содржина (содржини -рубрики различни за секој ден-од понеделник до петок), и со препознатлив стил и радио-дизајн. Вака концепираната програма, во која доминантен е говорот (селектираната музика лоцирана во одделни рубрики значат негова поддршка), го задржува вниманието на слушателот, го предизвикува неговиот активен однос, го совладува пасивното слушање.

Со оглед дека се презентира пред сè едукативна содржина (и забавната всушност претставува дел од неа-разликата е во начинот и стилот на презентирање), оваа програма бара слушање „во еден здив“, инсистира на концентрација и подготвеност од страна слушателот-слушателите од една, а од друга страна и вокална личност. Како се дефинира таа?

Во тоа најмногу може да помогне психолингвистиката-нејзините истражувања, конкретно анализата на личноста преку неколку говорни слоеви. Го имам предвид основниот предмет на изучување на оваа гранка на лингвистиката: корелацијата помеѓу јазичното однесување и психолошките процеси што се во основата на тоа однесување.

Американскиот лингвист-антрополог Едвард Сапир, еден од најистакнатите психолингвистичари, разликува пет слоеви на говорот, врз чија основа можеме да ја проценуваме личноста, односно да ја дефинираме вокалната личост: првиот, најнизок слој на анализа врз основа на говорот е заснован врз анализата на гласот, за кој Сапир смета дека е најмногу одреден од наследството и органските особини; вториот слој е гласовната динамика, која има три потстепени: интонацијата, ритамот и траењето на говорот и неговата поврзаност; третиот слој е изговорот, конкретно специфичното изговарање на гласовите, специфичната боја, покрај нивниот нормативен изговор; четвртиот слој е речникот на личноста, а петтиот стилот на говорникот.

Преку овие говорни слоеви може да се дојде до природата на личноста; под услов, како што нагласува Сапир, да успееме да ја издвоиме општествената конвенција во нив од идиосинкретичниот или вроден белег на говорникот.

Сапировото психолингвистичко истражување, конкретно раслојувањето на говорот на личноста, е основа на едно мошне компетентно истражување на вокалната личност на радиото на Александар Драгојловиќ, во монографијата „Вокална личност на радиото“(2). Неговото мошне обемно и детално истражување ги сублимира следниве заклучоци за говорникот на радиото:

„-Барањата на слушателите кога говорат за добар говорник подразбираат можност за воспоставување на комуникативен процес;

-најзабележани особини на говорникот кои ги истакнуваат слушателите се: бојата на гласот, брзината-темпото на говорот, правилната артикулација и акцентот;

-слушателите инсистираат преку вокалната личност и нејзините особини да се доживее и пријатно акустично доживување;

-вкупноста на звучниот впечаток на вокалната личност се остварува врз основа на следниве експресивни карактеристики групирани во четири групации:

а) интерпретативни: соживеаност-осмисленост, мелодија на реченицата со пауза, леснотија на соопштувањето, точност во толкувањето на запишаното, живост;

б) интонациони (органски фактори): висината на гласот, јачината или интензитетот на гласот, брзината-темпото на говорот;

в) изговорни: артикулација-изговарање, акцент;

г) севкупност на впечаток: убедливост.

Драгојловиќ наведува уште дека респираторните карактеристики на вокалната личност не се забележуваат кај успешниот говорник на радиото и оти специфичноста на дијалошката спрега на вокалната личност на радиото со слушателите „упатува на подетални испитувања на барањата кои се поставуваат пред успешната вокална личност, чиј начин на говор ќе придонесе за подобро разбирање на емотивните пораки“.

Под терминот вокална личност тој подразбира „човек кој му е „познат“ на слушателот според говорот.Тоа е личност која со својот говор „заслужува“ сосема одредени мислења, симпатии и антипатии. Човек кому му се укажува внимание, кому му се верува зашто говори така како што говори. Значи, под вокална личност подразбираме збир на говорни, вокални карактеристики или својства кои слушателите ги имаат во свеста кога го оценуваат човекот кој говори“.

Вакви и слични истражувања кај нас сè уште нема. Меѓутоа, и без нив, а врз основа на наведеново, можеме уште еднаш да го изнесеме ставот:

Убедливоста и пријатното акустично доживување, што ги нуди вокалната личност на радиото, го надминуваат неприродниот и наметнат сооднос помеѓу говорот и музиката на радиото (за што веќе говорев). Вокалната личност на радиото на современата модерност е водител-медијатор-контактмен, чија основна улога е на непосреден и посреден начин да комуницира со слушателот; оној што го слуша своето радио одвреме-навреме (во свое време) и оној што го слуша редовно, секојдневно (во секое време)-радиоменот (термин кој се однесува и на човекот пред микрофонот).

Слушателот-радиомен слуша многу повеќе не во свое време, туку во секое (значи во неопределено, неутврдено и никогаш сè затоа што тоа едноставно е невозможно), и тоа многу повеќе од другите, „обичните“ слушатели, од оние на кои радиото им е секогаш при рака, но не им е неопходно во секоја ситуација; значи можат и без него. На радиоменот радиото му е „насушна потреба“. Го следи на секој чекор, слуша сè што се емитува на неговата програма и, што е можеби најважно, слуша активно, што ќе рече учествува во збогатувањето на програмските содржини со свој прилог; контактира со него, бара совети, бара помош, дознава, сознава, премислува, размислува, информира-со еден збор соработува. Задоволството на радиоменот не е во тоа што одвреме-навреме ќе се чуе самиот на програмата по телефон, туку дека може да го презентира сопственото мислење, да им ги сопостави своите ставови на други, да расправа, да полемизира. Вистинскиот радиомен колку што прима, исто толку, а некогаш и многу повеќе дава од себе. Тој со право вели: „Не можам без моето радио“.

Проблемот на рецепцијата на радиото на современата модерност е еден од најважните. Со дефинирањето на тн. активно слушање и неговото разграничување од пасивното ќе нагласам дека активниот слушател е секогаш именуван, идентификуван, еден; додека пасивниот е обично безличен, дел од публиката, од бројот. Активниот е категоризиран односно не е дел од статистичкиот просек. Во развиениот медиумски свет се оди дотаму што една програма, емисија или рубрика го потврдува својот рејтинг со точно евидентиран број од именувани редовни слушатели. Колку е тој број поголем, толку и вредноста и целта е поголема и остварена. Од друга страна, пак, тоа е и барометар за нејзина маркетиншка поддршка, за интересот на деловните партнери да го промовираат своето работење и работењето на фирмата-компанијата. Уште повеќе, во анализата на тој број се вклучуваат и други елементи: структура-старосна, социјална, професионална и друга, интелектуалниот потенцијал, куповната моќ итн.

Глобалната програмска политика и општествено-политичкото и културното влијание на одделни масмедиуми токму во конкурентска смисла го овозможува општественото изразување на индивидуата и неговото право на учество во многустраните масмедиумски спреги.

Како конкурентноста се манифестира, се остварува на радио-програмата и помеѓу одделни радија?

Пред сè, конкурентноста помеѓу радиото и другите масмедиуми е позначајна и поевидентна доколку повеќе (во секој свој сегмент) ги користи сопствените специфики и програмската структура. На пример, директната информација (од самото место на настанот, во истиот момент на случувањето) и директната комуникација со слушателот се една од најголемите специфики и предности на современото-модерното радио во однос на другиот сроден електронски медиум-телевизијата, а особено во однос на печатот.

Во овој контекст ќе одговорам и на една присутна дилема која се поврзува токму со конкурентноста: дали треба да се пишува или да се говори за она што веќе напишале или говореле други? Што ако „не сум прв“?

Се разбира дека ексклузивноста на радио-понудата има првостепено значење, и тоа со користење на сопствени извори на информации. Меѓутоа, сметам дека е многу поважно како веќе објавеното, веќе кажаното, говореното, не ги губи актуелноста и значењето. Поедноставно кажано: како, на кој начин, со кои изразни средства, со каков пристап да се напише или каже истото? Значи, одново се враќам на користењето на спецификите на радискиот израз и стил (особено радио-дизајнот) , на спецификите на одделните масмедиуми. Всушност, го реактуелизирам прашањето на конкурентноста во квантитативна и квалитативна смисла, а што треба да се поврзе со природната, афинитетната ориентација на новинарот, со оптималната, реалната распределба на неговиот потенцијал, но пред сè со приоритетната заложба и афирмација на „творечкиот однос спрема предметот на трудот“, не задоволувајќи се само со „занаетската перфекција“.

Со други зборови, конкурентноста и алтернативноста, како едни од основните претпоставки на модерното радио воопшто (-на радиото на современата модерност), а посбно на радиото во пазарно опкружување (-комерцијално радио), треба да се остваруваат најнапред на творечки план, без оглед на глобалната творечка ориентација односно концепција.

Сето досега речено генерира еден мошне вазжен, круцијален проблем на кој треба да се обрне посебно внимание.

Во овој контекст ќе посочам само на основните назнаки на естетиката на радиото.

За неа мошне компетентно говори Владимир Кисјурко во својот есеј „Звучно богатство“(3), ставајќи го во контекстот на историско-културната и социо-естетската проблематика. Тој вели:

„… мошне суштествен е и фактот дека повеќе децении кон проблематиката на радиото се насочувале и научници и познати уметници, кои размислувале за природата, за законите на „старите уметности“ (меѓу кои мошне рано била вклучена и филмската уметност како нешто спротивно на радиото) и „новата муза“-телевизијата. Денес овие прошетки во областа на радиото се третираат како мошне драматични.

Како прво, тие ја отсликуваат динамиката на културно-историскиот процес и околностите на признавање (или непризнавање), бидејќи тие понекогаш исто така во себе содржат клучни моменти за разбирање на естетиката на радиото, на уметноста на звуковиот свет.

Како второ, тие ја отсликуваат дијалектиката и историската нееднаквост на она што треба да се нарече специфика на радиото. Да се има предвид таквата дијалектика е мошне важно, бидејќи стекнатото искуство во нашево време покажува дека најнепродуктивни во однос спрема естетиката на радиото се обидите на априорно тематизирање на сè она што се однесува на оваа специфика.

Денес е особено важно да се слушаат гласовите што произлегуваат од сродните области на уметничката дејност. Не слушајќи ги нив, тешко е да се направи најнеопходниот чекор: да се има предвид резултатот од изградбата на естетиката на радиото, акумулиран со историјата и теоријата на музиката, со теоријата на говорната дејност, со општата лингвистика, со филологијата, со теоријата на информатиката, со психологијата, со теоријата на ликовната уметност, со теоријата на драмата, со социјалната психологија и така натаму. Тешко е да се вреднува целокупноста на појавите што ја прават објективно неопходна појавата на уметноста на радиото. Главната од овие појави извонредно прецизно ја дефинирал Балаш. Тој вели:

„Баравме зборови, а побудивме чувство што бара зборови“.

Балаш го рекол тоа по повод појавата на звукот во филмската уметност. Меѓутоа, во однос на радиото тоа е уште поприменливо-со тоа што наместо за „збор“ треба да се говори токму за „звук“.

Спротивно на ова е непризнавањето на радиото како уметност. Таквото признание доаѓа природно, но привлекува кон себе внимание дури и кај врвните стручњаци што се занимаваат со уметничките проблеми на радиото, и со кои се јавува неизбежната изрека:

„Одвај радиото станало масовно, како неговите уметнички правци да стапиле во судир со онаа општествена мисија која што во предтелевизиската ера би можело да ја оствари само радиото“.

Со присутноста и масовноста го обврзале радиото да биде сенароден просветител и пропагатор на оние духовни добра што ги акумулирала историјата. И така, уметничкото радио ги даде сите „сили„ и „способности“ да им служи на древните, но прекрасни млади музи…Потрагата по сопствениот уметнички јазик почна да згаснува додека сосема не згасна“.

„Случувањето“ на уметноста не го инкорпорира во себе само доживувањето (-доживеаното), туку и динамизмот на промените во неа. Во историски контекст тоа „случување“ ги означува континуитетот и виталноста на уметноста воопшто, едновремено и постојаната надградба на критериумот за вредното, за естетското во неа. Неговата комплексност не дозволува априорно негирање на секаков експеримент, туку проценка на валидноста, на неговите резултати. Не постои експеримент сам по себе зашто, кога би постоел, би се претворил во обична игра на која, пак, и е иманентна креативноста (детето создава играјќи се).

„Уметноста на звукот“ (-звучното богатство) ги содржи сите елементи на „случувањето“ кои се однесуваат на уметноста воопшто. Се разбира, и на радиото на случување.

Во овој контекст уште само ќе посочам на едновременоста и заемноста на случувањето со експериментот во рамките на одделни програмски сегменти кои, во рационална смисла и во просторно-временска димензионалност, ги изразува радио-дизајнот, и тоа со сета своја формална и содржинска комплексност. А случувањето и експериментот-експериментирањето во заемноста и едновременоста всушност го потврдуваат творечкиот пристап на новинарот-вокалната личност. Со други зборови, на тој начин се надминува стереотипноста, можноста од имитација-сурогат, а се наметнува оригиналноста и неповторливоста,

Радиото се „случува“ кога се слуша. Радиото на современата модерност е радио што се слуша!
______________

1) Galvano Dela Volpe: „Kritika ukusa“, Nolit, Beograd, 1975

2) Aleksandar Dragojlovič: „Vokalna ličnost radija“, Radio Beograd, Beograd, 1985

3) Владимир Кисјурко: „Звучно богатство“, сп. Трета програма, Радио Скопје, 1988

Leave the first comment