Ашкенази

Потребно време за читање: < 1 минута

Околу 3,5 милиони денешни Евеи Ашкенази, односно околу 40% од вкупната популација на Ашкеназите во светот потекнуваат од само 4 жени, покажуваат резултатите на група израелски генетичари.

-Тие 4 жени живееле во последните 2.000 години накаде во Европа, но не задолжително на исто место, па дури ниту во ист век, изјави водачот на истражувачкиот тим доктор Дорон Бехар од израелскиот Медицински центар „Рамбам“ во Хаифа.

Секоја од тие жени зад себе оставила свој „генетски печат“ кој денес се јавува кај сите нејзини потомци, наведуваат Бехар и неговите соработници во извештај објавен на он-лајн изданието на списанието „American Journal of Human Genetics“. Нивните 4 потписи се појавуваат кај 40% од Ашкеназите, а воопшто ги нема кај неевреите и многу ретко кај Евреите кои не се Ашкенази по потекло, објаснуваат научниците.

Според нив, денес од вкупно 13 милиони Евреи во светот околу 8 милиони се Ашкенази.

Ашкеназите потекнуваат главно од средна и источна Европа. Тие се потомци на првите Евреи кои емигрирале од Израел во Италија во првиот и вториот век од новата ера, истакна Бехар. Таа група подоцна се населила во источна Европа (во текот на 12. и 13. век), каде што пред почетокот на Втората светска војна се зголемила на 10 милиони луѓе.

Истражувачите користеле митохондријална ДНК која се наследува од мајчинска страна. Жената може да им пренесе митохондријална ДНК на своите внуци само преку своите ќерки, па тоа е одлично средство за трасирање на мајчинската лоза, додава Бехар, кој во текот на истражувањето ја анализирал митохондријалната ДНК на повеќе од 11.000 примероци.

Leave the first comment