Кога беа или кога би биле заедно, Аристотел му рече или би му рекол на Сократ:
-Ти, Сократе пријателе, не си ни во живот ни во смрт кога не сме заедно. Истовремено би можеле да бидеме сами со себе само во живот и смрт. Разбирајќи го животот како постоење во стварен свет кој повеќе го менуваме ние отколку што тој нè менува нас, а смртта како конечно смирение на душата и телото надвор од свеста. Јас и ти бевме и во исто и во различно време за во едно да бидеме за паметење на некои наши мисли и дела.
Сократ му одговорил или би му одговорил на Аристотел кога некогаш, макар мигум беа или допрва ќе бидат заедно:
-Ние, пријателе Аристотел, ниту сме имале, ниту имаме, ниту некогаш ќе имаме што било заедничко. Сметам дека тоа е просто невозможно. Се прашуваш зошто? Јас ти одговарам дека различнио сме ги разбирале собитијата и премрежјата низ кои можеби сме минале, а можеби не. За мене е многу важно и ова: не знам и не сакам да знам дали ти си живеел повеќе или помалку од мене, ниту како сме ги завршиле живототите кога бевме или можеби допрва ќе бидеме заедно. Сметам дека додека сме заедно за нас од суштествено значење е опстанокот на државата како ентитет. Во чија основа е конзистентна политика која ја предвидува нејзината иднина. Згора на сè, збор е за какво-годе прикажување со слики и зборови. Но, кога е збор за загадочно исчезнување на исконски народ на своја земја, лично сметам дека докажани и видни личности со дела немаат којзнае какво влијание. Тоа е најдокажливо кога долго, та предолго трае од една страна процесот на разнебитување на колективните идентитети, пред сè националниот, а од друга личната слобода, пред сè слободоумноста.
Кога се негде заедно во живот и смрт, и тоа еден спроти друг, Аристотел и Сократ најчесто го промислуваат исчезнувањето на цивилизациите во дамнина, еднакво нивните подеми и пропасти. Притоа, имајќи ги предвид сите досегашни научни сознанија на археолозите и историчарите, потоа фалсификатите, како и необјаснивоста на исчезнувањето во познат или непознат моментум. Одвреме-навреме ги посетуваат или допрва ќе ги посетат Микенската, за целото нејзино времетраење, од вториот милениум пред новата ера до пропаста во 12. век, и Минојската на островот Крит, од 3.000-та до 1.000-та година пред новата ера. Ги усвојуваат претпоставките дека првата пропаднала поради судирите меѓу селаните и владеачките класи и промената на трговските патишта, а втората ја уништила вулканска ерупција на островот Тера. Што се однесува на Македонската цивилизација, на Македонскиот полуостров, во неа обајцата се чувствуваат најживи и никогаш не ја промислуваат како уништена.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 10