Ама која фактографија?! Кому му е таа потребна?

Потребно време за читање: 2 минути

Некој се обидуваше да ни ја отклучи вратата.

Само замислуваш оти се плашиш, се обидов да ја смирам. Само замислуваш. Кој би посакал да влезе кај нас?

Зошто да не посака, Јасене Виорски? Читаш во весниците што се случува? Криза на моралот, криза на духот, психопати, шизофреници, сексуални манијаци, злоба и злочин. Секојдневно. Речиси. Пријател со касапски нож заклал свој пријател, своја пријателка, брачен пар, и нивни деца на три-четири години, машко и женско. Пријателката и девојчето претходно ги силувал!

Добро, се случувало и се случило тоа, Марија Имотска. Во секое време, па и во нашево.

Некој се обидуваше да ни ја отклучи вратата, па престана.

Знаеш, почна Марија Имотска, тие ме сакаа многу. Ме сакаа како свое. Не можеле да имаат деца, знаеш, а тој никогаш не ѝ префрлуваше дека е таа виновна за тоа. Беа осамени. Ми купуваа сè, ме облекуваа во ново. Ме сакаа многу…Си имав соба полна со играчки, а на ѕидовите цртежи и слики. Еден голем коњ во скок…Таа ме успиваше и ме будеше. Кога ќе ме исплашеше сонот легнуваше до мене. Ми ја милуваше косата, ми пееше приспивна, ми раскажуваше…Зошто се смееш? Тоа се памети.

Не ѝ одговорив.

Дури кога требаше да се разделиме ми кажаа дека не сум нивна. Дека ме зеле од домот кога сум имала три години. Живеевме во истата улица, зад зградата. Ми рекоа дека е мое право, дека јас треба да решавам самостојно, веќе сум голема и зрела, па и тоа дали ќе ги заборавам или ќе навраќам кај нив и ќе ги сакам. Татко ти е жив, ама не те познава, ми рекоа. Може да заборавил дека те има, ми открија. Можам ли да го видам?, ги прашав. Зошто не? Ќе го побараме, само којзнае дали тој ќе сака да те види, ми одговорија.

Некој се обидуваше да ни ја отклучи вратата, повторно, па престана.

Ми е страв, рече Марија Имотска и се собра во мене. Ѝ го милував телото, ѝ го покривав. Со едната рака ми го пребаруваше лицето, а со другата си ги покриваше очите. Ми е страв, рече.

Некој навистина се обидуваше да ни ја отклучи вратата, повторно. Молчевме едно време и најпосле не се слушаше ништо. Ни чекорење ни здив. Мина полноќ.

Почнаа да ни прават куќа. Се радуваа како деца. Повеќе од нас. Веројатно поради задоволството што ни помагаа да почнеме во своја куќа. А куќата којзнае зошто ја градеа така. Како она: чардак ни на небо ни на земја.

Тоа беше многу подоцна, Јасене Виорски, многу подоцна. Не брзај.

Почнав да работам на машина, продолжи Марија Имотска. Од седум до три. И дојде да ме види, а јас не знаев дека е тој. Којзнае дали навистина беше тој. Се интересираше за мене и за мојата работа како и за сè друго во колективот. Функционер! Јавна личност!…Којзнае дали беше тој. Помислив само дека може да е тој. Зошто да не биде…Што дека е функционер?! Јавна личност?! Ако му е личноста јавна, тоа не значи дека личниот живот не може да му биде тајна…Се шегувам, Јасене Виорски, само се шегувам…Сепак, подоцна моите ми раскажаа дека ме видел. Се сретнал со мене, ама не можел да ми се јави. Не со осмелувал ни да ме праша нешто. Којзнае.

Leave the first comment