Потребно време за читање: 2 минути

Сонцето беше црвено, а водата без ветер кога таа заминуваше. Ѝ го раскажував спокојството во телото додека стоеше гола пред мене. А нејзиното лице со бразди како грижа; или искуство насобрано од долги патувања низ непознати градови.

Случајно го прочитав Кјеркегор. Мислам дека кај заводникот нешто недостасува. Можеби сенка!?, започна еднаш таа.

Дојките ти се црвени, внимавај да не ти пукнат од возбуда…Немаш право, Марија Имотска! Односот спрема Корделија е доволно искрен. Пишува за животот како противречност и парадокс. И за твојот страв од смртта, дури очај! Физичка болест веќе!

Знаеш, Јасене Виорски, јас само со тебе сум вака гола. И внатре. Не знам, може да сакам поради допирот и да ме споредуваш како што ме споредуваш: со мермерна жена. А болеста ја имам. Но запомни, не болест на смрт! Точно. Физичка!

Дојките ти се црвени, како стопено железо. Горат, а…заминуваш!

Да признаеш дека виде сè, Јасене мој!

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Не, не е точно, не видов сè. Само случајно помислив на стариот замок што доминира во пејзажот; оти си го качила на висока планина и целиот е во магла. Како без живот.

Така започнуваше таа, а јас постојано го превртував разговорот во друго. Велев:

Да го оставиме тоа. Гледај колку е смешно она човече. Си чула ли за некоја нова боја на цвеќињата во паркот? Одамна не сме биле таму, ѝ велев. Да одиме.

Ако почнев со црвено сонце, сè натаму така. Црвено! На пример, стоиме ние пред храмот на Посејдон. Дотука стасал и Бајрон, па си го запишал името. Ние немаме со што да го гребеме мермерот. Мирно е, сите молчат, како да разговараат со тоа време додека сонцето полека тоне во Морето. Потоа почнува силен ветер. Облаците ја губат црвената боја, веќе се модри, и мораме да одиме.

Зборуваш искрено, Јасене Виорски. И дека знаеш сè, заминувам спокојна. Сепак, навреме ќе стасаме на крајот. Ако сакаш заедно. Но, не ти во твојот, а јас во мојот крај.

Прочитај и за ... >>  Сè во свое време, забележува Јасен Виорски. Времето почнува, забележува Марија Имотска.

А градовите, Марија Имотска?

Нив нема да ги паметиме. Само луѓето. И тоа како сенки во празни улици.

Ете, така рековме сè. Луѓето, сенките, малку од смртта и малку повеќе од стравот. Уште времето и Елиот повторно. Како да не го објаснивме докрај. А ни треба кога има настани.

Сега само како минато. Нели, Јасене мој?

Ти уште гола со мене. Почнуваш да се сомневаш во замокот што го измисли како споредба.

А кога ќе ги имаме сите настани?

Тоа може да се случи само пред твојот замин, Марија Имотска. Нели така се договоривме?

Ќе го заборавиш човекот со четири лузни на лицето!? Зарем можеш?

Ќе го раскажеме другпат. Ако се вратиш.

А сонот?

Човекот со лузни ќе остане во него. Да го мислиш кога си сама. Во тоа ми е намерата! Секогаш да имаш нешто за во идниот миг. Осамата никогаш не е долга. Инаку би била болест. Има време во неа што го менуваме според тоа како сме расположени, Марија Имотска. Овде само како минато. Некогаш ќе посакаме и сега, а во идното време минатото и сегашното едновремено. Како претпоставка! Доколку издржиме докрај!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here