А што дека нема сон
во кој си ти
со сето минато
во кој сум јас
со игри сегашни.
А што ако ти се случува
ненадејна разделба
со ближен кој дамна
не е жив
ако ми се случува нешто
непредвидливо
откога не сме наши
крај угаснато огниште.
А што кога никој не знае
колку е далечината
голема долга широка
додека сме ту близу
ту далеку од свет во кој
никој не знае и секој знае
до кога ќе издржи
на рaб на бездна
меѓу две безводни земји.
А што е со сè собрано
како лично искуство
од нас до сите кои биле
пред нас или негде во нас
додека се соголувавме
меѓусебно
за чувствата ни
да се препознаваат
и да споделуваат опстанок
единствен.
А што не е наше умирање
до сон во кој јас и ти
секако ќе бидеме заедно.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка, 66





