Кога митот патува низ времето
Совпаѓањето на митски ликови во различни митологии не е ништо необично. Ако внимателно ги читаме старите преданија, ќе видиме дека јунакот секогаш се раѓа таму каде што народот има потреба од сила, од заштита, од надеж. Во грчката и римската традиција, па и пошироко во медитеранскиот свет, ликовите често се препознаваат под различни имиња, но со исти атрибути – јунаштво, натчовечка моќ, подвиг што ја надминува човечката мерка. Во време на егзистенцијална загрозеност, тие стануваат мобилизирачка сила, симбол на отпор.
Не се ретки ниту примерите на поистоветување на митолошки и реални личности. Историски фигури, со текот на вековите, добиваат легендарни слоеви. Тоа не е „крадење“ туѓо, туку сведоштво за проткајувањето на културите, за заедничкото живеење во одреден простор и време. Колку подалеку во минатото одиме, толку помалку има смисла да зборуваме за присвојување, а повеќе за заедничко цивилизациско ткаење.
Во таа смисла, прашањето не е дали има совпаѓање меѓу Херакле и Марко Крале. Прашањето е – што ни зборува тоа совпаѓање?
Херакле – јунакот што ја носи сопствената казна
Кој бил Херакле? Во античката митологија тој е син на Зевс и Алкмена, а поради својот предок Алкеј се нарекува и Алкид. За неговиот лик и подвизи најсистематски може да се прочита во класичните извори како „Greek mythology“ и во одредницата за „Heracles“.
Тој е персонификација на натчовечка сила – уште како бебе ги задавил двете змии што Хера ги испратила да го убијат. Го убил китеронскиот лав, ја ослободил Теба, се оженил со Мегара, а потоа – во помрачување на умот – ги убил сопствените деца. Тој момент е суштински. Херакле не е само силен. Тој е трагичен. За да го искупи гревот, мора да му служи на Евристеј и да ги изврши дванаесетте подвизи – меѓу кои убиството на немејскиот лав, лернејската хидра, фаќањето на еримантскиот вепар, чистењето на Авгиевите штали, донесувањето на златните јаболка од Хесперидите и извлекувањето на Кербер од подземјето.
Тука, заради точност, важно е да се каже: Херакле не го убива Кербер, туку го совладува и го враќа назад во подземниот свет. Исто така, т.н. Хераклови столбови традиционално се идентификуваат со Гибралтарскиот теснец, како што може да се види во одредницата за „Pillars of Heracles“.
Неговата смрт е драматична. Кошулата натопена со крвта на кентаурот Несо, дадена од Дејанира во уверување дека ќе ја зачува неговата верност, станува средство за неговото уништување. Отровот го разјадува телото, тој бара да биде изгорен, а боговите го воздигнуваат на Олимп. Од човек – во бесмртен симбол.
Марко Крале – историски владетел и народен мит
За разлика од Херакле, Марко Крале е историска личност. Роден околу 1335 година, загинал на 17 мај 1395 година во битката кај Ровине – на страната на султанот Бајазит I, против влашкиот војвода Мирча Стариот, како што е забележано во историографските извори и во одредницата за „Marko Mrnjavčević“.
Тој бил син на кралот Вукашин Мрњавчевиќ, носел титула „млад крал“, а по Маричката битка станал владетел во дел од Македонија. Во време на силен османлиски притисок, како и други балкански владетели, прифатил вазален однос со Османлиите. Историјата тука е сложена, далеку од црно-бели пресуди.
Но народот не го запомнил како вазал. Го запомнил како јунак. Како заштитник на сиромашните, како човек што пие од ведро наместо од чаша, што со еден замав крева земја, што со својот боздоган ја мери правдата. Неговата легенда за раѓањето – со пророштвото дека ќе му ги искрши коските на татка си – потсетува на мотиви што ги препознаваме и во античкиот мит за Едип. Детето фрлено во Вардар, спасено од овчар, враќањето и несакајќи исполнетата судбина – тоа е архетипска структура.
Марко, историски човек, станува надвремен лик. Народната фантазија го дообликува, му додава натчовечка сила, го става на коњот Шарец и го носи низ вековите.
Сличности, хиперболи и колективна меморија
Ако ги споредиме, ќе видиме слични наративни мотиви. И Херакле и Марко постојано се во мисии – спасуваат, казнуваат, се борат со „напасници“. Кај едниот тоа се хидри, кентаури и чудовишта; кај другиот – Црна Арапина, злосторнички ага или непријателски војски. Противниците се во склад со времето.
И атрибутите се впечатливо слични. Херакле со палка и лавја кожа. Марко со боздоган и гуња, со калпак од волчиште. Едниот ги подига столбовите на светот, другиот ја подига земјата во народната хипербола. Тоа не значи дека едниот произлегува од другиот. Тоа значи дека колективната имагинација користи исти алатки за да создаде херој.
Дури и ширењето на митовите има слична судбина. Марко станува јунак и во српската, бугарската, босанската традиција. Херакле се јавува во хеленски, тракиски, илирски, па и римски контекст како Херкулес. Митовите не познаваат строги граници – тие патуваат со луѓето.
Разликата што ја прави времето
Ако има суштинска разлика, таа е временска. Марко живее во епоха на коњици, на јасна воена структура, на османлиска експанзија. Херакле припаѓа на митско време, на космолошки наратив каде човекот се бори со самите сили на природата.
И двајцата, сепак, се одговор на истата човечка потреба – потребата да се верува дека некој е посилен од хаосот.
Тука не се работи за докажување „чиј“ е кој. Се работи за разбирање како народите ја обликуваат својата надеж. И можеби затоа споредбата меѓу Херакле и Марко Крале не е фрапантна поради историска врска, туку поради тоа што открива една универзална формула на херојството.
Во продолжение еве ја запишаната македонска легенда „Крал Волкашин и Марко Крале”
Тој бил син на Крал В’кашин. Ко му се родило првото дете машко на Крал В’кашин, тој од мерак, детето уште не задоено, го избањале, го повиле, го пратил во црква да го крстат детето. И ко се вратил од црква го прашале тија:
-Ал го крсти детето?
-Го крстивме.
-Какво име?
-Тој ќе се викат: Марко Крале.
И сега, Крал В’кашин од мерак дека му туриле име и поканил гости на треќа вечер, поканил гости во неговата кралштина да доет на вечера. И дошле гостите, вечерале и полегнале да спијат. Ама Крал В’кашин сакал да чује каков к’смет ќе му наредат наречниците, се сместил така во едно ќоше божем спије. И дошле во глуво доба наречниците. Едната рекла:
-Е каков к’смет дам у наредиме на детево?
Па другата рече:
-Да му наредиме, рече, кралско дете, некој голем к’смет.
А треќата рекла:
-Голем к’смет: да биде јунак, што од него појунак да нема. Ко ќе порасне момче на осумнаесет години, на татка му коските да му ги искрши.
И кога чул тија прикаски, тија зборој од трите наречници В’кашин, се налутил:
-Ај мајката, што ќе ми и’ крши тој мене коските?
Зел сабајлето една кошница, го фрлил у Вардар. -Ај рече, што ќе ми и’ крши ти мене коските, крши глава ти! Ја фрлил кошницата. А нема тоа што пишује, тоа името не се загубује. Си пазил некој овчар овци покрај Вардарот, ко гледа, по Вардар плива кошница и во кошницата плаче дете. Полека, полека, влегол во Вардарот, ја фатил кошницата, машко дете. Го извадил и си го однел дома кај мајка му. Го чувале едно седум, осум години, десет години. Го поткрепнале малку, а детето било блосоено за јунак да биде и искочило на улица вака со деца да игра, фати едно дете лупни го од земја, фати друго, лупни го, ги испотепа децата. Фатиле да го тужат тије селаните:
-А бре, рекле, од кај го најде овој ѓавол, ни ги испотепа децата тој?
Тражи му чаре, бе!
И што ќе прај тој, имал неколку телиња и селските телиња ‘и собрал и ќе ој во планина да ги паси. И ги пасел некоја година, таму до едно тринајсе години, ама тие телиња фатиле дам у бегат натаму, наваму. Тој зел со стапот, едно натаму, друго натаму, ги испотепал телињата. Ко дошол му вика очуот, татко му:
-Кај се телињата, бе?
-Ја и кај лежат тамо.
Ко отиде, што ќе види, се истепани телињата.
-А,бе, ќаол, бре кај те најдов јас тебе, толку беља ми донесе. Кај моите телиња, па сега и селскиве телиња да ги плаќам. Крши глава, кај ти очи, тамо ти главата, да те невидам овде!
И тој избегал. Излегол и отишол тамо негде, кај некоја река, тамо имало вир, па шатки тепал, живел, се ранел. Арно, ама, еден ден праел некој свадба. Си поканил сватој, си поканил кум, старејко, тамо, вамо, ама девер не можел да најде. Тешко било девер тогај, преку планини искожеле арамии, ајдуци.
Сватовите ќе разбегат, ама деверот зел заклетва да морат жив, мртов да седит кај невестата. И ошле. Ко дошле дома, се собрале тие сватови, а беја кум го канил па татка му В’кашин, го канил кум. И вели:
-Ти, рече, чоек мајка му рекла: „Тргнете, одете вије, што ќе стретите првата среќа, него да го земете девер”.
И веќе наминале кај што бил Марко. Тамо кај што седел, го нашле него, го зеле него девер. Го зеле, ја зеле невестата, ко се вратиле назад искочила некоја Арапетина, тамо некоја планина. Ко го виделе сватојте, туку нафрлале даројте, избегале сите. Само останал деверот и невестата. Отишол прво кај деверот рече:
-Фрли го дарот, и бегај оттука, зошто ќе загинеш млад и зелен!
-Е, ја немам никаков дар, дар мене ми ја дадоа невестата да ја водам. Ти ако сакаш, рече, ај да се бијеме, ја овде глава остам, невестата не ја остам.
Марко го убил, го превртил тоја Арапот, го оборил, му ја пресекол главата. Ја зел и ја води кај свадбата што ја правела. Кога оди тамо во авлијата, во Дворот, кога се собрале тије сватојте тамо во авлијата, во дворот, кога се собрале тие сватојте, пијат, јадат, ајде за бог д прости за невестата и за деверот. Овије мислат ги поништил тој Арапот. Кога чул така марко, зел Арапската глава, се качил на маса као што седеле. Тие се уплашиле, сакале да бегат. Е, ама тој рекол:
-Ќутите, сите седете, на сите како неговата глава ќе ви исечам и вас! И тие наседнале тука сите, зал тоа на Арапот глата, му ја кла тамо на кумот, татко му бил, не го познава, кај ќе го познај? Ни тој не го познава, ни тој.
-А бре, ти каков кум си ти, остај невестата, бегај. А? И туку тој го удрил со тој боздоган татко му в гради, му ги искршил коските. И тој го угледал, угледал, угледал, тој рече:
-А бре, дете, ти чиво си, како си, чиво колено си, кој ти е татко, кој ти е мајка?
-Не знам татко, мајка мене ми е Вардар. И тој се сетил оти го фрлил во Вардар и после пошто ги чул тије зборој оти ќе му ги скрши коските и станал, го прегрнал, го бацил, рече:
-Е море дете, ти знаеш чиј си? Мој син си!
И после овој му се поклонил на татка му, му бацил рака, колено:
-Прости ми, татко!
-Е, рече, сега просто нека ти е, јас го чув тоа уште во треќата вечер оти ќе ми скршиш коските и затоа те фрлив у Врадар.






