Секидневие, 31-33

Секидневие, дело во создавање, автор: Љупчо Димитровски

31. Темел

Направил темел
некој надолж
од карпа лево
до река десно
некој нашир
до пустина пред
до висока шума зад.

Темел
со делкани камења
и со железни прачки
над и под
за многу векови.

Никој не кажува
дали е доволно јак.

32. Длабок бунар

Очевидно е дека морало
да се копа многу длабоко
за да избие вода
што ќе им ја гасне жедта
не само
на сите близу и далеку
туку и земја да наводнува
при долготрајна суша.

Се наведнувам
над длабокиов бунар
и се огледувам во водата
како во огледало.

Догледувам непознато
лице испосничко.

33. Пенушка

Седнал на сува пенушка
пред порта на колиба
што била некогаш
сувикав човек.

Седнал загледан
во далечина
накај планина која
како да дише
растејќи и смалувајќи се
рамномерно.

На пенушката
до него
седнала неговата душа
како пред смрт.

СЕКИДНЕВИЕ, Појавности, поезија/припеви, 31-33

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.