Ма нема проблем!

-Како тоа нема проблем? Сметаш дека е можно да нема?!

-Не знам зошто ме прашуваш. Мислам дека знаеш, како секој друг, дека животот го следат не еден, а многу, а безброј проблеми кои се јавуваат, стојат за решавање, се решаваат, се пред решение или се решени. Не е далеку од вистината дека самиот живот е зададен проблем од Бога кој треба да се решава живеејќи го. Но, добро, ќе ти одговорам на прашањето: да, сметам дека е можно да нема проблем, доколку на проблемите им се пристапува за да се решат со ум и разум, со знаење и опитност. Со лесно, без оглед колку се лесни или тешки.

-Сакаш да кажеш дека олеснувањето на секој проблем во животот мора да тргнува од пристапот кон него?

-Токму така. Кога човек не го губи расположението, туку изразува подготвеност да се соочи и да се справи со проблем, тоа е првиот чекор кон негово успешно решавање или надминување. Сметам дека е тоа предуслов. Најпрвин олеснување на неговата тежест односно сложеност.

-Заклучувам дека твојата изрека „Ма нема проблем!“ всушност значи релативизација на кој било проблем. Што е за мене мошне проблематично. Дури помислувам дека изразуваш и несериозен пристап. Само ме збунува тоа што е една од твоите изреки кои ги употребуваш често. Таа секогаш кога ми е неопходна помош од тебе при решавање или надминување на некој мој проблем.

-Ма нема проблем! Сакам да речам дека сум секогаш подготвен да ти помогнам…Најпрвин затоа што сме заедно…Имаш проблем?

-Немам!

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 43  

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.