Старец и дело

Познавам човек во многу години со големо, а непризнаено, а обезвреднето, а омаловажено дело. Кој и покрај годините не престанува да го зголемува секидневно со нови дела.

-Го познавам и јас.

-Мислиме на истиот? На оној кого малкумина го познаваат лично, а веќе ретко кој може да се пофали дека скоро бил со него некое време?

-Јас мислам да. Се разбира, не е единствен според годините, лично познавам неколкумина со близу до неговите, но несомнено е имајќи ја предвид токму големината на неговото дело од една, и непризнаеноста од друга страна.

-Знаеш зошто за миг го наметнав нашиов молкнат дијалог за него? Не за да го искажам моето незадоволство, ќе речам огорченост поради односот на државава и општествово кон таков творец, тврдам единствен на светот денес, туку затоа што е тоа срамотно.

-Познато и со децении неменливо. Поразително…За жал, јас и ти не можеме ништо. Не сме во позиција или на решавачка позиција и не можеме против деструктивните сили кои смислено, зломислено, пакосно најпрвин ништат или премолчуваат вредности.

-Сакам да нагласам дека почнувам да се восхитувам на неговата рамнодушност. Која нема врска со неговата старост.

-И јас. За жал, мислам дека крајот на неговиот овоземен живот е многу близок.

-Да, да…За жал и сеопшт срам.      

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 41

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.