Чудна мимикрија на луѓе и животни
собрани во круг под отворено небо
направен од грамадни стени
со зраци сончеви месечеви ѕвездени
мигновени.
Луѓето се престоруваат во животни
чиј инсинкт за одржување во живот
ги ништи мислата свеста и говорот
дотолку што да не можат меѓусебно
да се разбираат да се согласуваат
да се спогодуваат заедно
да дејствуваат против собитијата
кои однатре ги ништат забрзано.
Животните се престоруваат во луѓе
чии огништа се запустени
речиси угаснати
затоа што всушност се урнатини
препуштени на луњи преполни
со силни ветришта со молњи
по долго опстојување во мракобесие.
Во круг под отворено небо
луѓе и животни чија мимикрија
се чини неминовна откога зраци
сончеви месечеви ѕвездени
мигновено почнаа
да се палат и гаснат истовремено.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Сетне, поетска инсталација, 63




