Бидејќи има разни виделини
што се и не се за луѓе
нужно е да избираме една
не повеќе од две-три
во мрак можеби во глува доба
на ноќ иста за сè случајно
или со намисла сите да бидат
во ред од извор до извор.
Мислам дека мене во мигов
ќе ми бидат доста три
едната утринска
другата во квечерина
а третата меѓу сончева
и месечева
која ќе ги крепи двете кога
ќе снеможат па да не можат
ни мене ни кого било друг
да придвижат кон будност
пред несетно да почне
мрачнина да освојува сè
што ќе допре што ќе вкуси
сè што ќе проба да разнебити.
Трите виделини за мене
со мене
јас ќе ги научам како совреме
сал со мене може да се живее
во рамновесие со природата
на дивиот и питомиот свет
близу до нас далеку од нас
додека ќе лунѕаме во предели
незнајни од секого сокриени
напред назад сетне најсетне
пред сè друго пред секој друг
повеви и ветришта што следат
наши траги од денес до денес.
Се разбира дека јас ќе бидам
четврта виделина
зашто уште од раѓање знам
дека без мене трите ќе бидат
толку оддалечени една од друга
што да не ќе можат никогаш
да се вкрстат извишени
на врв на планина од дамнина.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Сетне, поетска инсталација, 62




