Пролегомена за работата и трудот

Жива мисла

Не е цитат, туку парафраза на од него речено, подречено, доречено и недоречено:

Нужно е да се разграничат работата и трудот, а исто така работата и трудот од дејствувањето. Затоа што не секоја работа бара труд, како што не секој труд е за некоја работа или каква-годе цел.

Можам да наведам дузина работења кои се разбира дека не се бесцелни, но или се без завршница или се дел односно меѓуфаза во некоја поголема односно посложена работа. Мислам дека е доволно само да го имаш предвид тоа. Од друга страна, има претходни работи без кои главната како процес напросто не е возможна. Значи, и таа бара труд, нејзиниот удел е несомнен, пресметан, пресметлив, но е невидлив за голо око. Поточно не се смета за работа. Не ги заборавај и автоматизираната и роботизираната работа. Се разбира дека имаат вградено некоја работа во нив, во нивното смислување, создавање, активирање, контрола и одржување. Е, токму тие во најголема мера ги разграничуваат работата и трудот.

Несомнено е разликувањето на работата од создавањето. Не разбирам како некои ставаат знак на равенство помеѓу нив. Имено, одамна е затврдено дека создавањето е повеќе од работа затоа што го содржи она што може да го има и работата, но не во толкава мера како создавањето: креативноста.   

Трудот временски и просторно е детерминиран. Не верувам дека тоа некому не му е познато. Како работата, и тој е пресметан или вграден во некој процес, но според мене тој најчесто се изедначува со трудењето односно ангажманот. Што значи дека трудот односно трудењето или ангажманот има смисла само доколку е целен и целисходен.

Го нагласувам создавањето, му давам предимство во однос на создаденото од проста причина дека тоа во суштина претставува заокружување, затворање, завршување на креативната енергија на творецот и нејзино пренасочување кон друго дело-негов нов почеток, ново создавање. Ова особено треба да се има предвид кога е збор за мојот став дека делото на креативниот дух никогаш не завршува. Ниту кога го напушта физички овоземниот живот.

Конечно дејствувањето:

Релативноста на дејствувањето како работа или труд произлегува од неговата природа. Мислам пред сè на дејствувањето со ум наспроти безумното, како и на физичкото без трошење физичка сила. Имено, секакво дејствие е активно кога е насочено кон промена на нешто, промена на процес или истовремена промена на форма и содржина. Дејствувањето, пак, секогаш во себе ги има и насоченоста и стремежот за промена на постојно. Следствено, тоа е релативно како работа или труд, повеќе и поначесто работа одошто труд. Затоа што човекот, за разлика од сиот друг жив свет, а имајќи ја предвид пред сè неговата свесност, работи без престан и кога не работи, Од друга страна, пак, дејствува или не дејствува додека работи.

Работата и трудот во неговото дело „Жива мисла“:

Не мисли на работата што ја работиш. Доколку си ја промислил пред да ја почнеш.

Кој не работи, најпрвин зло си прави на себеси.

Досадно ти е оти ништо не работиш? Ќе згрешиш ако почнеш да работиш зашто ти е досадно.

Тешко дека ќе ја надминеш немаштијата со безначајна работа.

Работиш нешто откако изгуби многу работејќи сешто.

Додека работиш мисли на работата што треба да ја сработиш. Не и на работа што треба допрва да ја почнеш.

Големо му е делото што го работел до смрт. 

Што се однесува на одговорноста за работата што се работи, личната одговорност најмногу зависи од знаењето, умешноста и искуството.

Работи и внимавај на оној што те поддржува неработејќи.

Не одлагај работа за утре која треба утре да продолжи.

Прв предуслов за успех во работата е задоволството од неа.

Во љубов работа со љубов.

Ако си ја сакаш работата, се вложуваш себеси во неа.

Залудно работиш, ако не знаеш зошто.

Целта и делото ги оправдуваат работата и трудот.

Сите работат, а ти не без совест и срам.

Нема поголема радост од работа со радост.

Повеќе од работата го обожавам создавањето на моето дело.

Се трудиш да внимаваш на оние што работат повеќе за тебе одошто за себе.

Може да не е видливо што работиш, но мора да биде видливо она што ќе го сработиш.

Не е добро да бидеш принуден да заповедаш да се работи. Тогаш се проблем твојот авторитет и довербата во тебе.

Внимавај да не премалиш писхофизички дејствувајќи и создавајќи.

Одморај пред почнување и по завршување на работата што ја работиш. Ако сакаш да ти биде успешна.

Нема мрзелив човек. Има принудна работа или нерадо дејствување.

Се забавуваш неработејќи, а на сметка на оние што работат за ти да се забавуваш.  

Мачна работа за мачно живуркање.

Задоволен си колку си платен за работата што ја сакаш.

Трудот е секогаш насочен кон конкретна цел.

Се очовечуваш работејќи и создавајќи.

Ништо од работата што ја работиш гладен и уморен.

Најслободно е творењето на креативниот дух.

Голема казна е бесцелната работа. 

Никогаш не е измачувачко дејствувањето што го ослободува човекот.

Ако се срамиш од работата што ја работиш, не си достоен за неа.

Си нанесуваш зло на себеси не работејќи ништо.

Ниедна работа сама не се сработува и ниедно дејствие само не вродува со плод.

Каква е врската меѓу чесноста и работата? Суштествена.

Вработен неработник е исто што и сит, а гладен.

Помагањето е нужно во сложена работа.

Саканата работа е важна, добра и безусловна.

Позиција според важноста и тежина на личниот ангажман во рамки на колективниот.

Мрзелив човек го манипулира и го краде работливиот.

Работи достоинствена работа.

Чесниот има затоа што работи и создава.

Работата те прави среќен бидејќи ја знаеш и ги уживаш благодатите од неа.

Творецот создава дело со љубов.

Човекот се плаши од работа што не му е позната или се смета себеси неспособен за неа.

Работиш и создаваш за да имаш и да живееш.

Се раѓаш за да работиш до смрт. Секогаш според времето, потребите и годините.

Нека се знае што си создал за себе и за други.

Човекот работи најнапред за да ја прилагоди природата на своите замисли и потреби, притоа не нарушувајќи ја нејзината хармонија.

Богато општество со почитување и објективно вреднување на сечиј труд.

Љубов го создава човекот, а работата го докажува како човек.

Создавам и се надевам дека ќе ми биде признаено создаденото.

Има чесна и благородна, и има нечесна и бесмислена работа.

Не работиш, значи не придонесуваш за заедничко добро.  

Не работам за ништо.

Саканата работа никогаш не уморува.

Празно живуркање без работа.

Кој не си ја цени работата што ја работи, ропството го прифаќа како неминовно. 

Само со работа, дејствување или создавање се постигнува она што се сака.

Убава работа-лесна. Грда работа-мачна и тешка.

Не ја работи работата автоматски. Скоро ќе останеш без работа или ќе станеш автомат.

Не би ја работел работата што ја работиш кога не би морал? Ни ти ни оние со кои работиш немаат голема полза од неа.

Избираш работа од која не зависи твојата слобода.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 43

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.