Нема непознаници за Алфред Нобел и Нобеловите наград. Во секоја општа и специјализирана енциклопедија и на Интернет се објавени бројни одредници-текстови, со сите детали.
Сублимат:
Алфред Бернхард Нобел е шведски хемичар, инженер, пронаоѓач и производител на оружје. Го пронашол динамитот. Патентирал 350 различни патенти. Вештачкиот елемент нобелиум е именуван според него. Го искористил своето богатство за посмртно да ги основа Нобеловите награди.
Роден е во Стокхолм, на 21. октомври 1833. година.
Во Шведска целосно се посветил на изучување на експлозивите, особено на производството и употребата на нитроглицеринот. Во 1863. година го измислил детонаторот, а во 1865. го дизајнирал капсула-детонаторот.
Динамитот го пронашол во 1867. година, материја со која било полесно и побезбедно да се работи отколку со понестабилниот нитроглицерин. Го патентирал во Соединетите Држави и во Обединетото Кралство, а најпрвин се користел за минирање и градење меѓународни транспортни мрежи. Во 1875. година Нобел го измислил експлозивниот желатин или гелигнит, постабилен и помоќен од динамитот, а во 1887. година го патентирал балиститот, претходникот на кордитот.
Во 1884. година Нобел бил избран како член на Кралската академија на науките на Шведска, институцијата која подоцна ќе избере добитници на две од Нобеловите награди.
До својата смрт, на 10. декември 1896. година во Санремо, Италија, Алфред Нобел се стекнал со големо богатство, најмногу со отворање на фабрики за оружје. Поголемиот дел од професионалната кариера го поминал патувајќи, притоа отворајќи фабрики во многу земји во Европа и Северна Америка и живеејќи во Париз (од 1873. до 1891. Година). Погребан е на градските гробишта во Стокхолм.
Без знаење на неговото семејство, пријатели или колеги, тој го оставил поголемиот дел од неговото богатство во фондација со цел да ги финансира наградите кои ќе станат познати како Нобелови награди.
И покрај недостигот на формално високо образование, Нобел одлично познавал шест јазици: шведски, француски, руски, англиски, германски и италијански. Тој развил и книжевни вештини за пишување поезија на англиски јазик.
По оданочување и оставање наследство на некои личности, со тестамент Нобел предвидел 94% од неговиот вкупен имот, 31.225.000 шведски круни, за основање на петте Нобелови награди. Првите три се доделуваат за достигнување на полето на физиката, хемијата, медицината или психологијата. Четвртата е за книжевно дело „од идеалистички правец“, а петта треба да се додели на онаа личност или општество што го дава најголемиот придонес кон каузата за меѓународното заедништво, во потиснување или намалување на постоечките вооружени сили или воведување или поткрепа на мировните конгреси.
Нобеловите награди им се доделуваат генерално на луѓе (наградата за мир и на организации) кои реализирале извонредни истражувања, измислиле револуционерни техники или направи или, пак, оствариле извонреден учинок во општеството.
Признанијата за медицина, физиологија, хемија, физика, економија и книжевност се доделуваат во Стокхолм, а во Осло се доделува наградата за мир. Наградата за врвни достигнувања во економските науки, основана во 1968. година, ја доделува Централната банка на Шведска (за првпат доделена во 1969.), а е наречена Нобелова во знак на сеќавање на Алфред Нобел.
Со исклучок на Нобеловата награда за мир, сите други и наградата за економија се врачуваат во Стокхолм, Шведска, на годишна церемонија која се одржува на 10. декември, на годишнината од смртта на Нобел. Предавањата на оние кои треба да ја примат наградата се одржуваат неколку дена пред церемонијата. Нобеловата награда за мир и предавањата се одржуваат во Осло, Норвешка, на 10 декември. (Во времето на смртта на Алфред Нобел Норвешка и Шведска биле здружени во сојуз познат како Шведско-норвешки сојуз.)
Комитетите и институциите кои служат во одборите за избирање на Нобелова награда вообичаено ги објавуваат имињата во октомври.
Нобеловиот лауреат прима три работи: диплома, медал и документ кој ја потврдува сумата на наградата (денес таа изнесува 10 милиони шведски круни, нешто повеќе од 1,2 милиона американски долари).
Доколку во определена категорија постојат двајца добитници, сумата на наградата се дели помеѓу добитниците на два еднакви дела. Доколку постојат тројца добитници, комитетот кој ги наградува ја има можноста да ја подели наградата на еднакви делови или едната половина од наградата да му ја додели на еден од добитниците, а другите двајца да добијат по една четвртина.
Не е невообичаено добитниците на наградите да ја донираат паричната награда за да помогнат некои научни, културни или хуманитарни дела.
Постапката за номинирање и избор за Нобелова награда е долга и ригорозна.
Нобеловците се избираат од страна на соодветни комитети. За наградите за физика, хемија и економија постои комитет кој се состои од пет члена, избрани од страна на Кралската академија на науките, за наградата за литература комитет од четири до пет члена избрани од Шведската академија, за наградата за физиологија или медицина комитетот се состои од пет члена, за наградата за мир постои комитет од пет члена избрани од страна на норвешкиот Парламент.
Формулари, кои претставуваат лична и ексклузивна покана, им се испраќаат на околу три илјади селектирани поединци.
За наградата за мир прашалници им се испраќаат и на членови на влади на држави, членови на меѓународни судови, професори и ректори на универзитети, поранешни нобеловци за мир, сегашни или поранешни членови на Норвешкиот Нобелов комитет. Потоа, Норвешкиот Нобелов комитет своите оценки ќе ги заснова врз номинациите испратени пред 3 февруари.
Крајниот рок за поднесување номинации за физика, хемија, физиологија или медицина, литература и економија е 31 јануари.
Комитетите не примаат самономинации, ниту „отворени апликации“. Она што се поднесува е: аргументирана номинација, со јасна естетска, мислечка и културна рамка, и со релевантна документација за делото.
За Нобелова награда за литература, овластени номинатори се професори по литература, филозофија, културологија (универзитетско ниво), членови на национални академии на науки и уметности, претходни добитници на Нобелова награда, претседатели на писателски здруженија (национални и меѓународни), членови на слични културни институции со меѓународен легитимитет. Не можат да номинираат: самиот автор, издавачи како приватни лица, читатели, новинари, портали, државни институции без академски статус.
Откако ќе помине крајниот рок, номинациите се проверуваат од страна на комитетите и за секоја награда се формира листа од приближно 200 прелиминарни кандидати. Оваа листа понатаму им се предава на избрани стручни лица во соодветната област. Тие вршат елиминации сè дури не стасаат до приближно 15 имиња. Потоа комитетите поднесуваат извештаи со препораки до соодветната институција. Најнакрај членовите на институцијата ги избираат добитниците на наградите со гласање.
Посмртни номинации не се дозволени, а наградата може да биде валидна само ако лицето починало во месеците помеѓу номинирањето и донесувањето на одлуката од страна на комитетот. Временскиот интервал помеѓу признавањето на нечие достигнување и доделувањето на Нобелова награда варира во зависност од областите.
Наградите за литература речиси секогаш се доделуваат како признание за кумулативно животно дело, а не за едно единствено достигнување. Во овој случај поимот „задоцнување“ не се применува директно.
Од друга страна пак, наградите за мир често се доделуваат неколку години по настаните кои треба да бидат признаени.
Наградите за физика и хемија бараат значајноста на признатите достигнувања да биде „тестирана од времето“. Тоа практично значи дека периодот на задоцнување од откривањето на некој пронајдок до неговото наградување е најчесто околу 20 години или уште подолг.
За жал, сите научници не живеат доволно долго за да го дочекаат признавањето на нивното дело. Некои значајни научни откритија никогаш не биле земени предвид да бидат наградени затоа што нивните пронаоѓачи починале пред влијанието на нивното работење да стане реално.
Реално, Нобеловата награда е геополитички, културно и јазично асиметрична. Автори од „мали јазици“ речиси секогаш влегуваат преку долгогодишна меѓународна рецепција, преводи, континуирано присуство во странска критика.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 122




