Над глава стена
под нозе стена
од три страни
стени со процепи
за виделина
за неба ѕвездени
и месечински.
Од четврта стана
стена подвижна
како врата
за влез по доод
и за излез кон цел
еднаш блиска
другпат далечна.
Личи на пештера
но не е
сред пустелија е
безживотна
сред песок жежок.
Среде утрини
сред пладнини
среде самраци
сред ниедно доба.
Засолн на незнаен
патник е
кој еднаш излегол
од неа
за веќе никогаш
да не се врати.
Според трага
на нејниот праг
ќе да заминал
кон некоја своја
бестрага.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка, 63




