Препознавање

-Ти си ти! Те препознав!

-Се разбира дека јас сум јас. Но прости, јас не те препознавам…Мислам дека не се познаваме, ниту некогаш сме се запознале.

-Невозможно! Зарем е можно да не се сеќаваш на ниедна наша средба? Одамна не сме се виделе, ама одамна често се дружевме…

-Сè уште добро паметам и лица и имиња. Нема шанса такво заборавање од мене…Твоето име ми е познато според нешто, ама никако да го поврзам со што било или со некој настан во мојот свет.

-Да те потсетувам? На пример, најмалку еднаш неделно го искачувавме ридон над градов за да подишеме чист воздух….

-Да, тоа и сега го правам редовно, баш најмалку еднаш неделно, но без друштво…Мора искачувањето да ти е со некој што личи на мене…Веќе не го искачуваш ридон?

-Одамна престанав…Ми фали самодисциплина, а и навиката не ми е добра страна.

-Искрено, многу ми е жал што не ме препознаваш. А јас тебе веднаш, само што те здогледав. Се разбира дека годините ти оставиле траги, и моите ми оставиле, но така е со секого…Почнувам да се лутам. Јас веднаш те препознав, а ти да не се сетиш на мене според ништо заедничко…

-Стварно ми е жал. Очигледно се препозна…Секому му се случувало и му се случува тоа…

-В ред, извини, се препознав…Но следниот пат тоа нема ни да си го дозволам ни да ти го дозволам.

-Поздрав…до следното препознавање.     

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 37

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.