По негови љубови

Жива мисла

Имал повеќе секакви љубови до овие и во овие негови години. За некои веќе стана збор, завршени и што се незавршени а оставени настрана од неговите животни приклученија, а за некои допрва ќе им зборува на љубопитните проследувачи на создавањето на неговото единствено дело; кое најверојатно нема да биде објавено како негово додека е жив. Зошто? Просто затоа што и тоа, заедно со сè друго што го изразува и во што се пресоздава неговото постоење како личност, всушност не се однесува на него, туку на сите исти или слични како него. Процес во кој важни, ако не и најважни улоги играле или играат неговите љубови.

Во изминатите неколку дена и ноќи најмногу ми зборуваше за чистотата и силата на љубовта. Притоа, спомнувајќи две негови љубови кои завршиле, а не завршиле пред речиси една година по траење од две и три: Калина Самоилова, афирмирана пијанистка на негови години, и Лидија Полјанова, стјуардеса во позната авиокомпанија. Ми беше прилично убедлив дека тие биле меѓу неговите најголеми љубови кои завршиле, а не завршиле. Најпрвин зашто сè уште одвреме-навреме се среќава со нив, ту со едната ту со другата, и со кои одвреме-навреме има секс. „Но, ништо обврзувачко“, не забораваше да нагласи. Го прашав според што ги издвојува од другите и ги обележува како завршени, а незавршени. Кусо ми одговори поради неговата љубов и нивната страст.

Калина Самоилова е во „модерен брак“ со некој бизнисмен, а тоа значи дека не живеат заедно, но немаат потреба да се разведат. Не сакаат да си „комплицираат“ меѓусебно.  Теодор не му го знае ниту името, ниту каков бизнис има. Не го интересира. Они имаат осумгодишна ќерка. Живее со него и неговите родители во елитна населба во градот, во раскошна куќа со многу соби, базен и уреден двор. Вишен води љубов со Калина одвреме-навреме во изнајмена соба во мал хотел близу до центарот на градот, и тоа секогаш кога бизнисменот е два-три дена на службен пат во странство. Калина е сигурна дека секогаш го придружува некоја од неговите „дами“ во неговата фирма. Теодор мисли дека е тоа причината за „модерноста“ на нивниот брак, но не ни помислува да ја праша.

Лидија Полјанова е млада русокоса Украинка, од Киев. Има дваесет и три години. Лета на сите страни на светот и со воодушевување раскажува каде сè не била и што сè не видела досега. Не би ја променила професијата „ни за жива глава“. Нејзиното прекрасно лице и стројното тело го привлекуваат неизмерно. Веќе година ипол се заедно и не се. За страстен секс користат паузи меѓу два нејзини лета, поточно нејзини одмори во нејзин еднособен стан. На Теодор Вишен најмногу му пречат нејзините воодушевувачки кажувања за неколкумина пилоти со кои лета најчесто. Тие се грижат за неа „како татковци и браќа“ и со неа се „многу нежни“. Иако не се смета себеси за љубоморен тип, не ѝ рекол досега, но токму тоа е причината зошто не ни помислува на „некаква“ сериозна и долгорочна врска.

Вишен е во права љубов со Калина и Лидија? Зависи како таа се разбира и прифаќа.

Во „Жива мисла“ за љубовта:

Нема љубов при лутина, исто како што нема добро со зло и вистина во лага. Како што омразата долго ја убива љубовта.

Во љубов се надеваш и чекаш.

Се засакале момче и девојка, па тргнале по заеднички пат во неизвесност.

Богатството на љубовта е неизмерно и недофатно.

Само љубовта може да создаде горчлив мед.

Љубовта е единствена која може да се изедначи со смртта.

Љубовта е најчесто нема зашто не може да најде зборови со кои најточно и најдобро може да се изрази.

Немало, ниту може да има заробена љубов. Вистинската љубов е секогаш слободна.

Во љубов и со љубов човекот ги искачува највисоките врвови на својот живот.

Варди се од огнот на љубовта. Може мигум да те пеплоса.

Љубовта е секогаш во простор и време и меѓу простор и време.

Вечна е онаа љубов што не ги губи силината и староста.

Љубовта предизвикува најголема болка и најбрза болештина.

Не е можно да не сакаш, а да љубиш.

Прочитај и за ... >>  Жената како жена

Сакајте се, луѓе, и внимавајте да не се замразите.

Љубов не е давање и земање, а дава и зема, туку споделување и подарување на сè што ја зацврстува и ја прави безвременска.

Ако сакаш, правиш и што не сакаш.

Доблеста и љубовта се секаде и секогаш заедно.

Со љубов се прават невозможни нешта.

И љубов не е можна без знаење.

Ништо не е мало во голема љубов.

На небо најсјајна ѕвезда вљубена.

Љубовта нема никаква врска со тоа дали врската е единствена или е една од повеќе. Има љубови и без врска.

Најмногу се простува поради љубов.

Меѓусебна љубов е љубов меѓу две љубови.

Љубомората е грда и груба.

Секоја сегашна љубов може да содржи иднина, но не и минато.

Може да угасне љубовта? Може ако стои предолго на ветромет.

Има љубови за кои не се знае дали ќе бидат трајни, но траат.

Љубов што не била ја слабее и краткотрајна разделба, а што е ја јакне.

Најслабо пламенче љубовно може да се престори во пламен до небо.

Кога е љубов, сите сетила се пуштени на најјако. 

Во страст и љубов и предаденост.

Сè во една љубов. Од раѓање до смрт.

Треба да е исто да сакаш и да си сакан.

Сè на љубовта ѝ е малку. Дури и љубов.

Среќа и љубов или љубов и среќа? Неважно кога се исти.

Се сладиш со љубов, а животот повеќе горчлив одошто сладок.

Има големо срце. Сите негови љубови имаат свое место во него.

Се скаменила љубов за показ на сите што љубат.

Не ме прашувај за првата и последната љубов. Прашувај ме за единствената.

Не ја знаеш вредноста на твојата љубов затоа што немаш друга.

Од љубов не се губи памет, туку се добива. Кога има свое време и е навреме.

Не дарувај љубов кога со љубов не ти се возвраќа.

Немој да лажеш дека последната љубов ти е прва.

Цел живот сакаш еден, една, едно и сакаш сè? За восхит е твојата љубов, човеку!

Ослепени од љубов и наслепо одат напред.

Во љубовта стварноста не е согледлива. 

Ме сака, а ниту ме знае, ниту ме познава.

Се сакаат рамноправни и рамносилни.

Возвишена љубов без причина и последица.

Не ми е право што секогаш сакам повеќе отколку што сум сакан, но тоа е. Можеби е тоа закономерност.

Не се сака самиот себеси, а се обидува да го засакаат!

И љубовта се учи. Нејзина прва лекција: љуби со срце и свесност.

Најтешко е љубовта и паметот да се секогаш во рамновесие.

Љубовта ти дава најголема сила во борба за слобода и рамноправност.

Љубовта знае како може мал човек прекуноќ да стане голем.

Моќта на љубовта никогаш не се докажува целосно.

Кој бара љубов, ќе ја најде кога-тогаш. Можеби на крајот на животот.

Љубовта нема врска со секојдневните однесувања на луѓето, ниту во интимни моменти.

Не постои љубов во минато свршено време.

Луѓето се привлекуваат меѓусебно обидувајќи се да се засакаат. Се одбиваат кога се рамнодушни едни спрема други.

Кога се случува љубов, се менува светот.

Ако не те сака никој, значи дека си осамен и сам.

Љубовта привлекува два спротивни пола.

Вечна е љубовта на оние што се љубеле до смрт.

Почитувањето раѓа љубов.

Љубомората се раѓа во нетрпеливост при љубов.

Колку трае љубовта? Додека трае.

Искуството во љубовта почнува со секоја нова љубов.

Знаење со љубов, учење со љубов, работа со љубов, творештво со љубов…љубов животворна. 

Секако во љубов.

Љубовта меѓу маж и жена е благородна, благодатна и благодушна.

Сте се сакале, но веќе не сте заедно? Па што?

Сакањето се случува мигум, а потоа настапува прилагодувањето.

Меѓу две љубови една како трета?!

Кога се наспоредни, љубовта и омразата се  борат за превласт.

Љубовта гради. Не разградува.

Грешките во љубовта неа не ја прават грешна.

Никогаш љубов само како инспирација. Многу често како порив.    

Љубов крунисана со брак?! На љубовта не ѝ треба круна.

Љубовта е иста во сите годишни доба. Исто грее, исто весели и спокои, исто сјае и плодоноси, исто буди и заспива.

Прочитај и за ... >>  Лицемерието

На вистинската љубов ѝ е најлесно да се докаже.

Љубовта прави човек да е слеп при очи.

Невозвратената љубов разболува.

Две голи тела во љубовен оган.

Секогаш време за љубов.

Неискажливата и неисполнетата и љубов знаат да отворат живи рани.

Љубовта живее додека вљубени не ја умрат, без оглед на последиците.

Љубовта зборува на свој јазик, често непознат за оние што ја молчат во себе.

Штом не сакаш, не очекувај да бидеш сакан.

Нема поголем убиец на љубовта од рамнодушноста.

Во љубов се губи, но многу повеќе се добива.

Вљубен си, а не знаеш зошто? Ќе знаеш ако знаеш во кого.

Љубовта не е само сакање. Дури е повеќе разбирање, почитување, толерирање, заедничко дејствување и творење.

Љубовта сјае и дење и ноќе.

Љубовта ја бранува и истовремено ја смирува душата како ветришта и бури морето.

Љубов во урнатини оставила знак на свое постоење во минато време.

Во очите се огледува љубовта.

Не ја разголувај љубовта за секој да ја узнае.

Љубовта ги истакнува човечките доблести.

Ај докажи дека љубовта е во тебе од раѓање.

Неверна љубов не е љубов, туку страст за поседување и освојување.

Нема љубов засекогаш. Има и за понекогаш.

Наеднаш престанала љубов? Тоа е невозможно! Мора да престанало нешто друго така наречено.

Што е љубов? Нешто што не може да се нарече поинаку.

Јас не знам за љубов од до, ниту оттука дотаму.

Љубовта најпрвин се докажува во слобода и вистина.

Љубовта е река длабока и плитка.

Маните и добродетелствата во љубов за љубов се откриваат.

Не може истовремено да сакаш и да мразиш. Дури сакаш не мразиш или мразиш оти не сакаш.

Зошто да се воздржуваш од љубов?! Зарем не сфаќаш дека притоа губиш најголем дел од себеси?

Не ги мешај љубовта и должностите.  Ќе се изгубиш помеѓу нив.

Во љубов и разум. Помеѓу сè друго.

Љубовите не се споредливи.

Кога станува збор за љубовта, далечината не треба да трае долго. 

Ѝ се предаваш радо на љубов длабока.

Довербата ѝ е секогаш придружена на љубовта.

Само љубовта може да почне одново.

Во права љубов разделбите кај љубовниците оставаат најдлабоки траги.

Љубовниците се најслободни кога се заедно.

Во љубов телото ги обновува силата и енергијата.

Несреќните љубови брзо умираат.

Најретка е првата љубов како последна.

Меѓу старите љубови најмногу први.

Љубовта никогаш не се наситува со фантазија.

Маж ја сака жената зашто е за него убава и привлечна. Жената го сака мажот зашто го знае тоа.

Вљубените љубоморно ги бранат своите љубови.

Не е јасно зошто љубовниците повеќе уживаат да водат љубов во темнина одошто на виделина.

Он е многу среќен и сакан од блиски затоа што е богат.

Секогаш бараме повеќе љубов, отколку што ја даваме.

Жално е да даваш љубов, а да не добиваш.

Најголема загуба во животот е љубов со која се живеело во љубов.

Љубовта и пријателството заедно имаат најдлабоки корени.

Љубов те разболе? А зошто ѝ дозволи?

Интересно е дека многу често вљубените подетинуваат.

Некогаш сте се сакале, а сега се трудите да бидете што подалеку еден од друг.

Љубовниците најмногу уживаат во меѓусебна слобода.

Имале свои цели, во меѓувреме се вљубиле и имаат една кон која итаат заедно.

Од уметничка гледна точка, љубовта е најчесто апстрактна.

Пламенот на љубовта брзо се извишува, а побрзо почнува да тлее.

Во љубовта искреноста е мошне проблематична.

Врвицата на љубовта е секогаш тесна, стрмна, кривулеста и трновита сè до нејзиниот врв.

Големите љубови се сонуваат и во будна состојба.

Вредноста на љубовта се осознава дури по нејзиното престанување.

Не вреди сакање кое не се искажува како било.

Нема безначајности во значајна љубов.

Воопшто не му е лесно на сакањето да се оствари како љубов.

Во љубовта најтешко ѝ е на разумноста.

Вљубените најтешко примаат совети на искусни.

Како тоа една иста ноќ на твоето срце му донела мир, а мнгу ноќи потоа неспокој?

Ноќ на вљубени чии срца се истовремено возбудени и спокојни.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 41

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.