Самосвесно и аргументирано
Во половина век интензивна, што значи секидневна, неретко дури буквално деноноќна работа како радиски човек-радиомен, имам реализирано стотици илјади часови пред отворен микрофон-„во живо“(радиоводителство), создадено неброени аудио дела-прилози, рубрики, емисии и проекти од најразлични области со „предзнак“ проекти од јавен интерес.
Со гордост изделувам четири големи, сложени, неодминливи во какви било избори на македонското аудио творештво; без оглед што неминовно се заборавиле, се забораваат или допрва ќе бидат заборавени како остварување за „етер во ветер“: комплетно осмислување, оформување, раководење и реализација на две радија-со месечни, неделни и 24-часовни емисии и програми, именувани со „Радио Херц“ (ново име на Втората програма на Македонското радио, во меѓувреме збришано и вратено „старото“-Радио 2), Радио Гром-Евергрин Гром радио (сопствено-приватно радио кое по десет години деноноќна, напати жестока борба за опстанок во македонскиот етер, дури и против политикантски ветрогони на власт, бев принуден да го угаснам), неделната 8-часовна забавно-контактна и сатирична програма „Радио урнебес“ (заедничко осмислена со Драган. Б. Костиќ, уредување, колективна реализација и ководителство) и култната комплетно авторска програма „Паноптикум“.
„Најсветла ѕвезда“ во целокупното мое аудио-творештво е недвојбено култната двочасовна едукативно-забавна емисија „Паноптикум“ (емитувана на Втората програма на Македонското радио).
Во продолжение на оваа белешка изнесувам свои мислења, ставови и аргументи, како и сублимирани од бројни зналци и експерти за суштествените специфики и значења на „Паноптикум“.
Што навистина значи „Паноптикум“?
Поимот паноптикум е многузначен и содржи јазично, културно, историско и симболичко толкување (pan-сè, целина; optikon/opsis-гледање, поглед), а буквално значи „место од кое може да се види сè“ или „сè што е изложено на поглед“. Во минатото се користел за именување на музеи на реткости и чуда, простори исполнети со необичности, восочни музеи и изложби на сѐ што отстапува од „нормалното“-егзотично, необично, чудно, шокантно, генијално. Ги содржи и љубопитноста, стравовите и восхитот на човекот од различност.
Треба да се имаат предвид и филозофското и симболичкото значење: пресек на човечката состојба, колекција на идеи, појави и судбини, јавна сцена каде сѐ е видливо, но не секогаш разбрано; простор во кој коегзистираат разумот и апсурдот, едно до друго се убавото и грдото, а рамноправно се изложени мудроста и заблудата.
Денес панотпикум многу често се користи метафорички, поготово при означување на медиумскиот свет, општеството на спектаклот, дигиталната реалност, на збир од контрадикторни мисли, ставови и гласови.
Имајќи ги предвид наведените и други етимолошки значења, паноптикум може најкусо да се дефинира како место-простор каде што е сѐ изложено не за да се осуди, туку за да се согледа.
Јас, но и други домашни и странски врвни медиумски зналци на радиото како масмедиум ги акцентираат суштинските „елементи“ на култната радио емисија „Паноптикум“ (видно вградени во нејзината концепција):
„Паноптикум“ покажува. Ништо не крие и ништо не се разубавува. Затоа што сè што постои-мисла, заблуда, вистина, страв, генијалност, пад-сè има право да биде видено.
„Паноптикум“ како став, не како пресуда
„Паноптикумот“ не суди, туку е став. Тој е отпор кон плиткоста, едноумието, отпор кон лажната пристојност. Во него маргиналното не е отфрлено, необичното не е исмејано, а непријатното не е замолчено. Прашањата се поважни од одговорите, сомнежот е доблест, а размислувањето-чин на храброст.
„Паноптикум“ е огледало. Кој ќе се погледне во него-ќе се види.
„Паноптикум“е културно-рефлексивен простор посветен на човекот, општеството и времето во кое живееме. Тој не нуди готови вистини, туку контекст.
„Паноптикум“ е „збирка“ на заборавени приказни, маргинални идеи, парадокси на современиот свет, културни, научни и општествени феномени. Притоа, убавото и вознемирувачкото стојат рамо до рамо затоа што реалноста никогаш не е едноставна.
„Паноптикум“ е место за оние што не сакаат да гледаат селективно, туку целосно.
Сублимација:
„Паноптикум“-свет изложен каков што е, без подобрување, разубавување, одум што одбива да гледа со затворени очи.
„Паноптикум“-сè е видливо, ништо не е едноставно.
„Паноптикум“-поглед кон она што другите го одминуваат.
„Паноптикум“-каде мислата нема огради.
Во паноптичкиот поглед: малото е исто толку значајно колку и големото, маргиналното може да биде клучно, а премолчуваното често е поинформативно од гласното. Историјата, културата и човечкиот развој не се составени само од големи настани и славни имиња, туку и од тивки процеси, мали судбини, споредни појави и заборавени факти.
Радио-панорама на мислата
Издвоена согледба за радио-емисијата „Паноптикум“:
Постојат големи и мали, краткотрајни и долготрајни, заборавени и незаборавни, значајни и навидум безначајни настани. Сите се дел од одот на Човекот-од неговиот живот, неговото опкружување, од неговото дејствување и создавање.
Постојат дела кои се за едни големи, а за други мали; за едни вредни, а за други безвредни. Но, историјата секогаш покажувала едно: не е мал бројот на оние што, по долго премолчување и маргинализација, станале неодминливи и претставуваат несомнен придонес во развојот на човековата цивилизација.
„Паноптикум“ е место каде што мислата нема огради, прашањата се легитимни, а гледањето е активен чин.
„Паноптикум“ е архива на идеи и појави, музеј без ѕидови, хроника на човечките противречности. Во него коегзистираат разумот и апсурдот, науката и верувањето, напредокот и заблудата, генијалноста и промашувањето. Кај што сите тие се разбираат во однос еден со друг.
Во време на алгоритми, филтрирани реалности и медиумски меури, паноптикумот станува контрапункт. Тој се спротивставува на селективното гледање и на брзата конзумација на површни информации. Современиот свет произведува многу содржина, малку контекст, многу мислења, малку разбирање. ЊПаноптикум“, пак, инсистира на контекстот. Инсистира на времето потребно за мисла.
„Паноптикум“ првично живееше како култна македонска радио-емисија, комплетно авторско дело реализирано на Втората програма на Македонското радио во 90-тите години на 20. век (првата емисија емитувана на 05.05.1989), а потоа продолжена како 18-часовна програма на Евергрин Гром Радио, односно Радио Гром (до 1996).
Кога се зборува за култни авторски радио-проекти во Македонија, „Паноптикум“ зазема посебно место, пред сè поради интелектуалнататежина, концептоти долгорочниоткултурен ефект.
„Паноптикум“ не беше класична емисија затоа што не беше информативен дневник, не беше културен магазин, не беше забавна програма. Таа беше радио-панорама на мислата.
Основниот принцип беше паноптичкиот поглед: изложување на појави, идеи, личности и настани без уредничка принуда врз заклучокот. На своевиден, оригинален начин ги поврзуваше историјата, филозофијата, културата, уметноста, науката и секојдневието. Отвораше маргинални, заборавени или непријатни теми. Не ги поедноставуваше сложените појави и не „објаснуваше“, туку поттикнуваше мислење.
Посочувам на некои карактеристики што ја направија култна:
-авторски монолог со јасна мисловна линија;
-есеистички радио-јазик, редок за етерот од тоа време;
-употреба на музиката како семантички елемент, а не како пауза;
-темпо спротивно на радиофоничните правила-понекогаш намерно „бавно“.
„Паноптикум“ бараше внимателен слушател. Не беше за слушање во „зааднина“.
И ова:
-не се вклопи во форматите;
-не се прилагоди на вкусот на мнозинството; не беше лесна, но беше нужна; остави трага кај слушателите што бараа повеќе од информација.
Во македонскиот медиумски простор „Паноптикум“ претставува редок пример на радио како интелектуална институција, а не само како медиум.
Се профилира како авторска, есеистичка радио-форма која се издвојува според одбивањето на класичните формати, длабочината на темите, некомерцијалниот пристап, како и формирањето јасна слушателска база-интелектуално и културно ангажирана публика.
Според многумина зналци на радиото како масмедиум, поради својата интелектуална длабочина, уредничката слобода и трајното влијание врз публиката „Паноптикум“ се смета за еден од најзначајните авторски радио-проекти во историјата на македонското радио.Се позиционира како културна и интелектуална институција.
За „Паноптикум“ јас (автор) го добив годишното признание за радио-новинарство „Крсте Мисирков“. По повод 200-тата емисија на 20. и 21. април 1993 година поставив досега ненадминат македонски рекорд-25 часа програма во живо, без престан.
Начинот на кој беше одбележан тој јубилеј влезе во историјата на македонското радио. Тоа не беше технички трик, серија репризи или монтажна конструкција. Беше: еден човек, еден автор, еден глас, една мисловна линија, 25 часа без пауза. Во етерот-во реално време.
Иако официјален „сценарио-план“ никогаш не беше јавно објавен, од сведоштвата и логиката на емисијата е јасно дека тие 25 часа не биле хаотичен маратон, туку контролирана паноптичка структура: ниту еден час не беше „празен“, а темите се надоврзуваа: историја → култура → општество → поединец → секојдневие; минато → сегашност → можни идни насоки.
Главниот елемент бил живиот авторски говор-есеистички, аналитичен, асоцијативен.
Ниту читан текст, ниту подготвен материјал, туку мислење во реално време.
Музиката не служеше за одмор, туку беше коментар, контрапункт, емоционален и интелектуален мост.
Да се зборува 25 часа без престан не е само медиумски настан. Тоа е човечки и интелектуален подвиг! Затоа што значи непрекината концентрација, минимални или никакви паузи, целосна гласовна издржливост; задржување на логичка структура, избегнување на повторување, способност за импровизација без губење смисла, одржување на јазична прецизност.
25-часовниот „Паноптикум“ е редок пример на медиумска издржливост комбинирана со интелектуална дисциплина.
До денес, во македонскиот радио-простор не е реализирана подолга авторска програма во живо, не е повторен моделот „еден автор-еден глас-непрекинат етер“ ине е надмината комбинацијата на времетраењето и концепциската сложеност.
Ова е суштински важно:
25-часовниот „Паноптикум“ е документиран во македонската радио-историја, јавно признаен со наградата „Крсте Мисирков“ истата година и ненадминат во национален контекст. Што го прави де факто рекорд во македонското радио, без потреба од меѓународен печат. Тоа е врвна точка во историјата на радио-емисијата „Паноптикум“, еден од најзначајните настани во македонското авторско радио и редок пример кога радиото станува интелектуален перформанс.
Тоа беше доказ дека радиото може да биде мисла, издржливост и култура-во живо.
Од етер во дигитален простор
Неговиот концепт и дух продолжуваат во дигитална форма, преку енциклопедискиот и мултимедијален портал www.panoptikum.mk.
Во ова опкружување-Интернетот-во морето од веб-страници, информации, мислења и наративи, каде што секојдневно се случува надградба, интеграција и забрзано производство на содржини, www.panoptikum.mk е нешто сосема друго: енциклопедиски, културно-рефлексивен и медиумски простор што се потпира на моќта на знаењето, контекстот и критичката мисла. Енциклопедиски сајт во вистинска смисла на зборот, кој се потпира на: факти и историски контекст, културни и општествени феномени, уметност, наука, технологија, здравје, живот, гласот на народот. Темите се широки, понекогаш тешки, понекогаш забавни, но секогаш смислено поставени. Тоа е простор во кој прашањата се поважни од готовите одговори. Концепцијата е широка по потреба, а не по случајност. Ги опфаќа: сознанијата и спознанијата, умностите и искуствата, состојбите, проблемите и прашањата, уметноста, животот, здравјето, технологијата и општеството.
Интересно прашање:
Може ли „Паноптикум“ пак да „оживее“ како радио-емисија?
Одговарам децидно:
Може, ама не може.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 116




