Трпение

За слободно промислување

Има многу нешта во човекот и надвор од него, од човекот и со него, за човекот и човештината кои никогаш нема да се доречат; без оглед колкупати се навраќаме на нив, ги потврдуваме и дополнуваме или ги повторуваме. Трпението е едно во човекот, кон него, неретко од него.

Се навраќам на трпението по којзнае кој пат не за да потсетам на основните нешта за него, на причините за него и на последиците од него, туку за одново да го поттикнам слободното промислување кое самото е дел од него.

Трпението најчесто се дефинира како способност на издржување на некоја состојба, случување и притисок; особено на непријатни, тешки и мачни моменти. Иманентно му е отсуството на каква било реакција, а најчесто на жестока, остра, одлучувачка. Притоа, речиси без исклучок има своја граница. А по неа, а зад неа неминовно се препчознаваат и манифестираат негативни однесувања.

Сметам дека е познато и нема потреба од психичко, научно или верско третирање на трпението. Сепак, некако неминовно се наметнува религиозното и народното толкување на трпението, секогаш директно и индиректно поврзано со спасението.

Прочитај и за ... >>  Победа или пораз на избори?

Имено, станува збор за однос меѓу различни карактери или лични расположби. Во христијанството е познато учењето на Спасителот: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“, а од кое произлегува познатата изрека „Трпение-спасение“. Трпението е нераскинливо поврзано со проштевањето. Треба да се нагласи и дека според духовните мудреци трпението се изедначува со мачеништвото. Се вели дека оној што не брза да се гневи, а умее да трпи, тој ѝ е пријател и на душата и на своето спасение. Оној што не се навредува веднаш, туку кротко исчекува и трпи, тој е смирен.

Во суштина, трпението е доблест која не му е дадена на човекот со неговото раѓање, туку се стекнува, а наспоредно се негува со знаење и искуство.

Вреди да се промислува моќта на трпението.

Трпението и чекањето се блиски како однесување. Токму се трпеливото чекање на она што треба допрва да го правиме му одземаме од тежината, комплицираноста. Се случува дури да го направиме од лесно полесно.

Прочитај и за ... >>  Време за поезија

Трпението е нужно особено при напорното работење, пречките притоа, злодејствата против вас, а само за да не ја завршите работата докрај, успешно. Напорното работење сигурно ќе биде успешно со трпение и леснотија. Воопшто, токму со трпението најуспешно се спротивставуваме против негативните сили насочени кон нас.

Го изразувате вашето трпение затоа што е тоа пред сѐ во вас. Се вградувало во темелот на вашиот карактер долготрајно и макотрпно. Истовремено со љубовта. Многупати е докажано, многупати си докажувате на себеси дека со љубов и трпение го досегнувате недосегливото, го постигнувате она што се чини невозможно.

Во секое време било, и во нашево е ненадминливо трпеливото промислување. Тоа, пак, е поврзано со возраста на промислувачот. Па, се вели дека случувањето на сега со годините се заменува со време и трпение. Тоа еднакво се однесува на личната храброст.

Конечно:

Имате ли лично трпение за заеднички цели?

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 114

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.