Првите зборови

Пред исчезнување

Не ги заборавив првите зборови со кои не почнав ништо затоа што, да се повторам, ниеден збор не е почеток на говор. Најпрвин дека станува збор за збир на гласови и знаци. Мислам дека токму затоа моите почетни кажувања, сега признавам дека тие ми се прилично невешти и неопитни, беа доволно предизвикувачки и доволно впечатливи. Не знам, можеби се такви поради тежеста на случајните и намерните присутности на безвремени блиски и далечни, знајни и незнајни луѓе. Тогаш не бев сигурен, но сега сум: тоа еднакво се однесува на мене. Исто така, убеден сум во успешното прераскажување на досегашни собитија, сосе најавените и ненајавените идни. Сакам да кажам: некаде до половина од смислените, доживеаните, преживеаните; наспоредни или измешани со оние собитија кои ќе следат допрва. Да го повторам и ова од почетокот: сите се вака или онака поврзани со сржта на човечкото суштествување во свет со свое време и свој простор, меѓу животи и смрти, едновремено создаден и создавачки.

Сега за сега сè е сè уште некако неповрзано. Меѓутоа, веќе не е многу тешко да се разберат во единство сите детали. Да, има уште многу за тоа да не претставува никаква тешкотија. Да бидам искрен, тоа и ме радува и ме поттикнува да продолжам со несмалено темпо. Особено прилично големиот број докажувања меѓу редови или на маргини. Така што веќе не важи мојата несигурност, имено дека баш со помош на слики и зборови ќе создадам сложена структура на таа срж.

Време е да почнам да се занимавам со веќе издвоените зборови, со чие значење сакам да истакнам минати, сегашни и идни состојби и содржини на животот. Во овој миг на целосна самост, без никој близок или далечен од дамнешното, поблиското минато и од денес.

Еден по еден, по ред:

Постојаност

Сум забележал дека во нашево време, исто како во минатото неменливоста и продолжителноста се докажуваат колку одделно, исто толку, ако не и повеќе надополнувачки. Најпрвин како предуслов за индивидуален и колективен егзистенцијален опстанок. Притоа, неминовно е постојаноста или да се изедначува или постојано да се надополнува со упорност, непоколебливост, стаменост и достоинство.

Познавам многу запаметени животи на кои никој со ништо не може да им ја оспори токму постојаноста. На пример оној на Славеј Перчинков, херојот кој ги оставил коските на бојно поле бранејќи ги корените на својата рожба, а му ги собрал непријател восхитен од неговата храброст до смрт и ги погребал во негова семејна гробница.

Автентичен

Е или не е нескромно, но најрадо за пример на автентичен се земам себеси. Не како човек, досега сум сретнал повеќемина слични како мене, туку како творец на цел свет во еден животворен миг. Се разбира, по тој и таквиот миг ќе следи друг, исто така единствен; значи неповторлив, значи препознатлив. Само да сум здрав и жив. (Си го велам ова и се прашувам дали е можно да се биде здрав, а нежив.) Притоа, секогаш инсистирам на негова, ако не целосна тогаш што поголема веродостојност и оригиналност.

Прочитај и за ... >>  Смислена приказна

Е или не е нескромно, не знам ниту ми е важно, но јас како автентичен творец се нафатив да создадам вонвременески свет. Мислам дека тој веќе постои сам за себе. А во наредниот период, кој ќе трае колку што треба да трае, ми преостанува да го затврдам како стварен и непореклив. 

Идентитет

Можен ли е опстанок без индивидуален и колективни идентитети? Не! Тоа е неспорно, одамна докажано, па сметам дека нема потреба од мое разложување и промислување. Јас акцентот го ставам на суштественото, односно разликувачкото, издвоеното својство или особеност. Ги нарекувам бележитости-утврдени, дефинирани, недвојбени и белези.

Познавам две познати љубови. Се викаат Трајанка Миланова и Горјан Поречки. Тие љубови се суштествено, би рекол совршено идентитетски. Имено, двете се со толку свои белези што кога се заедно навистина се, а кога не се навистина не се. Не станува збор само за самост и лична слобода, туку и за доживување, чувствување, и за самодокажана самобитност. Тие љубови се колку големи, толку длабоки, но и безвременски. Кои траат колку што траат, сосе пред тоа и потоа.

Имено, Трајанка и Горјан си припаѓаат еден на друг којзнае од кога. Духовно и телесно. И се сигурни дека ќе си припаѓаат до којзнае кога. Можеби вечно. Да, да, за нив вечното е исто како мигновеното затоа што со многу знаење и самосвест успешно ги бранат идентитетите на своите љубови.  

Перцепција

Мене никој не може да ме разубеди дека во ограничена или затворена стварност е многу важно нејзиното перцепирање. Без оглед какви се нејзината сегашност и перспектива. Без перцепирање просто не е возможно која било стварност да се третира најпрвин како ситуација или состојба, а потоа да се следи како случување временски и просторно. И сознанието и знаењето и искуствотом, во врска со причините за и последиците од перцепирање, говорат дека создавањето на еден свет наспоредно со негово пресоздавање во најголема мера зависат од динамиката на менување на материјалноста во нематеријалност. Сеедно дали со допир, со духовна сила или со сосредоточување на мислата.

Прочитај и за ... >>  Така зборуваше

Имајќи го предвид досега кажаното и раскажаното, нагласувам дека токму перцепцијата најмногу е слична со способноста за едновремено воспримање, толкување и прифаќање, па и доблест со цел навремено соочување со непобитното.

Сметам дека нема потреба од никаква конкретизација. Доволно е само да посочам на одамна воочената суштествена разлика меѓу единството на различностите и различноста во единството. Која и во минатото и во сегашноста се пренебрегнува, и покрај лесно предвидливите наезди од позиција на сила.

Навистина

Сè ќе биде зашто сè мора да биде докажано како вистина. И ситуации и состојби, и луѓе во нив, со нив и околу нив. Навистина постоело, постои и ќе постои. Значи, вистинско е, стварно, значи е и зависно и независно од човечкото разбирање на светот. Во спротивно, сè би било нестварно, нереално, фикција која ниту води кон нешто што постоело, постои и ќе постои, ниту е со каква било цел.

Слики кои се мртви или живи, смртни или животворни, отвораат или затвораат вистински доживелици на нивните создавачи; кои навистина оставаат траги во постоењето на еден свет меѓу безброј светови.

Зборови кои самостојно и заедно, како сè уште без значење или излитени од предолга и преголема употреба, се несомнени, непобитни, беспорни, сосем или речиси колоквијални.

Навистина станува збор за луѓе со животи кои до своите смрти постоеле и постојат со вистини, меѓу вистини; кои биле против и се бореле против лагата каква да била-жива или гола, здрава, болна, лечебна.

Убавина

Убавината не е минлива, туку е менлива. Тоа треба да се има предвид секогаш кога со неа се најавува или се навестува нешто. Еднакво кога се посакува, осмислува и смислува. На пример, нешто кое штотуку почнува да се раѓа, поточно да се создава. Притоа, нејзината минливост е или треба да биде видлива, значи прикажана, значи докажана, или да биде иницијална. Исто како кога е привлечна според утврдени знаења и критериуми. Кои, пак, се менуваат, поточно се надградуваат бавно, по многу време на рецептивност. Тоа е најизразито во процесот на приемање на естетичноста како темелна вредност на концепт на една естетика.

Само добра убавина. Никако лоша. И како таква за да се доживее, првично и долгорочно, па да се живее и со неа да им се спротивставуваме на груботијата и грдотијата. Секогаш да имаме на ум дека во животот и надвор од него има времени и трајни убавини.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), 57

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.